По 16-тата етапа на Тур Д’ Франс, на својот Инстаграм профил велосипедистот Павел Пољански објави фотографија со коментар „мислам дека нозете ми се уморни“. За кратко време фотографијата собра еден куп споделувања, а стигна и до Твитер. Еве зошто:
Пољански е роден во 1990 година, а ова му е прво учество на Тур Д’ Франс. Во моментов (на пишување) е на 75-мо место, со речиси два часа заостанување зад лидерот Крис Фрум. Му остануваат уште пет етапи.
Ова не е прва ваква фотографија од Тур Д’ Франс. Во 2014-та, велосипедистот Бартош Хузарски на Фејсбук објави фотка од своите вени, по 18-тата етапа на трката.
Се разбира, некои интернет сезнајковци веднаш типуваа на допинг. Но Пољански ги демантираше, образложувајќи дека изразеноста на вените му се должи не само на напорите за време на 3540-километарската трка (вкупно, сосе етапите што му претстојат), туку и на летните горештини.
Во случајот со Хузарски, обвинувањата за допинг ги демантираше васкуларниот хирург Еди Калонер. Тој објасни дека ваквото потекување на вените е нормално кај спортисти од калибарот на Хузарски.
„При одмор, околу еден литар од крвта оди во вените на нозете секоја минута. За време на интензивно вежбање кај елитните спортисти, ова може да се зголеми десеткратно, предизвикувајќи вените на нозете да потечат за да се прилагодат на зголемениот волумен на протокот на крв“, напиша за фитнес сајтот Fiona Outdoors. „Плус, овие момци имаат помалку од 5% телесна маснотија, па можеш да им ги видиш вените дури и кога мируваат“.
Ако уште ви изгледа лудо, чекајте да му ги видите нозете на американскиот велосипедист Џорџ Хинкапи од 2010-та.