Можно само во Јапонија: Музички концерт од 8 секунди

Неодамна јапонскиот „visual key air“ бенд – Golden Bomber, одржа многу чуден концерт. Главната цел беше промоција на нивниот  најнов сингл – 8-секундна песна со наслов „8 Second Encounter“ („Средба од 8 секунди“). Настапот траеше… погодувате… 8 секунди.

Иронијата е што на 29 јуни, фановите на Golden Bomber почнаа да се собираат во трговскиот центар Ikebukuro’s Sunshine во Токио уште на 6 часа пред почетокот на концертот, главно за да фатат место за седење во непосредната близина на сцената. Иронично е и што пред бендот да се појави на сцената, имаше 3-минутно одбројување.

Кога одбројувањето стигна на 2 секунди, четворицата членови на бендот истрчаа на сцена, грабнаа инструментите, „свиреа“ 8 секунди и веднаш потоа фатија штрафта, буквално со трчање.

На нашава планета, свирка од 8 секунди би ги налутила фановите до коска, и ништо нема да им смени ако концертот е бесплатен. На планетата Јапонија, судејќи според реакциите, публиката смета дека таков настап е всушност многу кул. Толку многу врескаа со воодушевување, што водечкиот вокал Sho Kiryuin се смилува и се врати на сцената да им заблагодари што ете, дошле толку рано за да ја чујат нивната нова песна. Публиката (шуќур) сакаше уште, па на крајот Sho ги повика и останатите тројца членови, а Golden Bomber изведе еден од своите најголеми хитови „Memeshikute“.

Сé на сé, излезе дека бисот траеше подолго од самиот концерт. Севкупно – околу 4 и пол минути. А публиката – задоволна… Ако сето ова ви изгледа чудно, чекајте да го видите бендот.

Прочитајте и:  Првиот сателит со дрвени панели лансиран во вселената

Прво, да го објасниме она „Visual Key air“ на почетокот. Ви текнува на нашите фолк/кафански бендови кога настапуваат на телевизија и го гледаш бубњарот како удира со стапчињата во воздух без да има бубњеви? Е така и овие. Освен споменатиот Sho Kiryuin, кој ги пишува и текстовите и музиката, останатите тројца се само „сценски инвентар“. Ниту еден од нив не знае да свири на музички инструмент, ниту пак да пее. Всушност, немаат никаков удел во песните, а според јапонските магазини, ги слушаат дури откако Sho ќе ги сними и објави во јавноста. Потоа ги контактира и се договараат како ќе ги изведуваат на настапите.

А кога на настапите глумат дека свират на разни инструменти, тоа изгледа како бубњарот кога лупа во празно или сајзерот кој апла се гледа дека е исклучен од струја. Оттаму тоа „air“ во описот на бендот. Од друга страна, некогаш не ни глумат дека свират. Golden Bomber се фокусираат на многу шминка (како Kiss), впечатливи костуми и андроген (полово недефиниран, налик „аниме“) изглед. Ваквиот правец е сé попопуларен во Јапонија, а се нарекува „visual key“.

Иако сето ова звучи како шега, Golden Bomber се страшно популарни во Јапонија. Ѕирнете го настапов и реакциите на публиката на нивните концерти. Баш тука и ќе ги видите во ситуација кога не се ни трудат да се преправаат дека свират. Дали на фановите им е гајле? Воопшто не.

https://youtu.be/Q9P35uo51ho

- Реклама -