Операција Камуфлажа: Кога цела воена фабрика маскираа во обично предградие

Масовното производство на воени летала во Втората светска војна изроди машини со огромна и дотогаш невидена моќ. Авионите, од друга страна, беа значително усовршени – многу побрзи и со поголема деструктивна моќ од било кога порано. Но тоа беше случај и со двете страни во војната. Така, и важноста на тоа да се измами непријателското разузнавање и да се избегнат воздушните напади беше поголема од било кога, особено кога се работеше за фабрики за оружје и воени авиони.

Страшно претпазливи беа дури и САД, иако илјадници километри оддалечени од главните воени случувања и воени закани; се преземаа секакви можни мерки да се сокријат воените воздухопловни фабрики. Така се роди и Operation Camouflage – кога цела фабрика беше буквално покриена со лажни куќи и полиња.

Одозгора изгледаше вака. Навидум обична цивилна населба, ништо важно од стратешка перспектива. Ништо вредно за бомбардирање.

Сé до 1941 година, САД беа прилично раат од домашна закана. Тоа се смени на 7-ми декември истата година, со нападот врз Перл Харбор. Јапонските бомбардери ѝ го нанесоа на Америка најсилниот удар на нејзина почва, убивајќи повеќе од 2000 војници.

Перл Харбор ги раздвижи работите. Сите функционални американски авиони беа активирани и испратени во воздухот. Некои го чуваа брегот од нови потенцијални напади од Јапонија. Други ја чуваа внатрешноста од евентуален централен напад. Останатите едноставно го патролираа небото, за „на исплашената нација да ѝ дадат чувство на безбедност во време на криза“.

Како и да е, Перл Харбор наметна потреба за брзо производство на уште повеќе воени авиони. Три дена по нападот, официјални лица од Lockheed (најголемиот снабдувач на САД со воена опрема, возила, летала и оружје; инаку денес Lockheed Martin) се сретнаа во воздухопловната база Burbank за да дискутираат на темата, но и за да ги унапредат техниките на криење и маскирање на воените операции од евентуални нови непријателски напади. Токму Burbank, на западниот брег на Калифорнија, беше најважната фабрика за воени авиони во САД. Јасно беше дека мора да биде целосно маскирана.

Прочитајте и:  Трамп му се јавил на Путин, разговарале за брзо решавање на војната во Украина

Резултатот беше „Големата илузија“, која веќе во раната 1942 година беше во полн ефект. Burbank беше подготвена во секој момент, за многу кратко време, да се претвори во навидум обично калифорниско предградие.

„Аеродромите и паркинзите беа обоени во зелено и пошумени со зеленило за да изгледаат како полиња со луцерка (индустриско растение). Главната фабрика беше покриена со купола од мрежа за кокошарник, мрежа од јаже и обоено платно, така што гледена од небото да се претопи со околната трева и зеленило. Беа поставени и лажни дрва со обоени пердуви од кокошки наместо листови; некои обоени зелени, некои кафени, за да симулираат нови т.е. суви листови“, потврдуваат од Lockheed.

Работниците продолжувале со производство и поправка на авиони во фабриката како и обично, но за време на паузите и тие се приклучувале во илузијата, глумејќи дека се обични цивили, одејќи до лажните домови, на пример, за да ја соберат лажната облека што претходно во денот лажно ја пружиле на жиците во дворовите за лажно да се суши.

Големата илузија, на дело.

Во меѓувреме, под сета таа маска, базата имала инкорпорирано сложена мрежа од подземни тунели, засолништа против воздушни напади, но и масивни против-воздушни системи за одбрана на фабриката.

Се вели дека главниот мозок зад Operation Camouflage – полковник John F. Ohmer, дури спровел и „генерална проба“ за да се увери во ефикасноста на илузијата. Испратил еден од најистакнатите воени генерали на разузнавачки лет на височина од 1.5 километар. Се разбира, задачата му била да ја идентификува базата. Но генералот не успеал. „Сé што гледам е предградие до предградие“.

За среќа за Американците, територијата на САД остана мирна до крајот на војната. Сепак, операцијата „Камуфлажа“ останува да биде една од најголемите и најуспешни операции на прикривање. Истовремено е и сведок за тоа какви крајности наложува војната, но и за иновативноста на инженерите во време на криза.

Под лажната завеса.
- Реклама -