Мексиканец пораснат во САД: Депортацијата е најдоброто нешто што ми се случило

Ако сакате да видите среќна фацка, прашајте го Орландо Лопез што мисли за тоа што го депортираа од САД во Мексико.

Родителите го довеле во САД кога имал само 3 години. Во неговите тинејџерски години, сепак, иднината не му изгледа нешто посебно розева. Иако бил добар ученик во средно училиште во Тексас, Орландо се лизнува од патот и тргнува по гангстерски стапки. Завршува во затвор, осуден на 7 години. Излегува од затвор на 24 години, кога и е депортиран во Мексико.

„Ритамот на животот кој го живеев можеше да ме претвори во само уште една статистика“, вели Мексиканецот. Денес има 38 години и живее во Chihuahua со жена му и малата ќеркичка. Кога стигнал во Мексико, Лопез релативно лесно успеал да најде работа, благодарение на доброто познавање на англискиот јазик. Така, во последниве 10 години работи во кол-центар на меѓународна компанија која работи со главно клиенти од САД, пишува CNN.

Лопез тврди дека околу 30% од вработените во кол-центарот пораснале во САД, но или биле депортирани, или се вратиле по сопствена желба. Како резултат, атмосферата во канцеларијата наликува на онаа во американските корпорации, во позитивна смисла, вели Орландо, иако меѓу нив има и такви кои се носталгични за времињата кога живееле во САД.

„Разбирам дека меѓу тоа да заработуваш пезоси и да правиш долари има голема разлика, и не можеш за кратко време да стигнеш до стандард на живот каков што си имал во САД“. И тој самиот поминувал низ релативно тешка транзиција кон мексиканскиот начин на живот. „Во Мексико нема такво нешто како личен простор. Морав да ги предупредувам другите дека не сум навикнат да стојат толку близу до мене“.

Прочитајте и:  12.000 долари за промена на бојата на очите - процедурата се попопуларна во САД

Но оттогаш наваму не само што Лопез се адаптирал, туку дури и „цвета“. По враќањето, економската ситуација не му била нешто посебно добра, но сега нештата се сменети и Лопез е дел од новосоздадената средна класа. Во меѓувреме се искачил во хиерархијата на компанијата, и сега веќе управува со 17 вработени одговорни за обука на персонал, и со над 80 специјалисти за услуга на клиенти. „Ги сакам луѓето тука и им помагам да развијат кариери“, вели тој.

Денес има два автомобила и може да си дозволи да го понесе семејството на одмор во Европа. Станот е во негова сопственост. По две и пол години работа во кол-центарот, веќе може и да аплицира за хипотека. Вели дека ако останел да живее во САД, тешко дека некогаш ќе имал можност да види како е да имаш сопствено живеалиште.

Сепак, Лопез е свесен дека не сите во Мексико ги имаат неговите можности и неговата среќа, која главно произлегува од тоа што пораснал во САД и добро зборува англиски. Но од друга страна, им порачува на Мексиканците во САД кој живеат во секојдневен страв од тоа да бидат депортирани, дека Мексико веќе не е земјата што ја паметат. Вели дека има доста работни места кога знаеш англиски. Притоа, ако одлучат да се вратат, веќе нема да мораат „да се кријат во сенките“. „Овде, во Мексико, барем човек е слободен“, заклучува Орландо.

- Реклама -