Во Јапонија нема криминал, полицијата си бара занимација

Стапицата ги чинела цела недела, ама се исплатело. Полицијата од подзаспаниот јапонски град Кагошима неуморно и деноноќно ја следела мамката – оставен отклучен автомобил со пакет пиво на задното седиште. 7 дена подоцна, еден Јапонец на средовечна возраст конечно се послужил. Пет полицајци му скокнале веќе следниот момент, апсејќи го можеби последниот криминалец во градот.

Јапонските преполни улици можеби не се пријатни за гледање, ама затоа се безбедни. Стапката на криминал опаѓа веќе 13 години. Стапката од 0.3 убиства на 100.000 луѓе е меѓу најниските во светот (во Америка е околу 4 луѓе на 100.000). Само едно убиство со пиштол е регистрирано во цела 2015-та. Дури и Јакузите, кои некогаш беа опасна криминална сила, не се тоа што беа. Ем остареа, ем законите се многу построги.

Во меѓувреме, бројот на патролни полицајци (познати како omawari-san) се зголемува, и практично станаа „инвентар“ во повеќето населби. Јапонија има над 259.000 униформирани полицајци. Пред околу една декада стапката на криминал беше далеку поголема, а полицајци имаше само околу 15.000. Соодносот на полицајци по бројот на жители е многу висок, особено во Токио – домот на најголемата метрополска полиција – поголем кварт и од базата на њујоршката (NYPD).

Сето ова се манифестира со многу повеќе внимание на ситни криминали кои инаку би биле сметани за последни во листата на приоритетите, ако не и целосно игнорирани – како кражба на велосипед или поседување на мала количина дрога.

Една жена, на пример, раскажува како дури петмина полицајци дошле да испитаат откако пријавила дека ѝ украле еден пар патики од пред врата. Лани, пак, цела мини-армија од детективи беа ангажирани за апсење на група од 22 млади лица кои одгледувале марихуана за лична употреба и пушеле џоинт во напуштени градски локации.

Полиција што се досадува звучи како премиса од некоја од приказните на Жозе Сарамаго – полна со апсурдни последици. На моменти натаму оди и јапонската. Што помалку работа има, толку поинвентивна станува околу тоа што се смета за криминал, а што не.

• Еден од потазе случаите е кога уапсија група луѓе кои ги делеле трошоците за рентање на кола. Полицијата тоа го прогласила за „нелегално такси“.
• Други префектури почнаа кривично да гонат луѓе кои поминале на црвено со точак. Не само тие, но генерално мета се и сите велосипедисти кои учествуваат во сообраќајот. Причината, сметаат Јапонците, е да се надомести константниот пад во сообраќајните прекршоци со автомобил. Коректното возење со сите законски нишани се должи на тоа што повеќето Јапонци учат и полагаат да возат во авто-школи во кои предаваат поранешни полицајци. Ги знаат полициските „цаки“ што треба да ги избегнуваат.
• Во 2015-та еден Јапонец беше уапсен бидејќи цртал Хитлер бркчиња по постерите на премиерот Шинзо Абе.
• Полицајците и детективите почнуваат неповикани (и без дозвола) да се шетаат и по универзитетските кампуси, за да надгледуваат „проблематични“ студенти.

Прочитајте и:  Истражување: Јапонците најмалку уживаат во љубовниот живот

Сепак, кога зборуваме за апсурдни последици ала Сарамаго, најдобриот пример е од пред 15 години. Тогаш, во ретко населениот град Хокаидо, излезе на виделина дека полицијата се договорила со гангстерите од Јакуза за да шверцуваат оружје во земјата, само за полицијата да може да ги задоволи квотите за запленето оружје…

Потрагата по занимација сепак е главно корисна. Бројот на пријавени случаи за родители што си ги злоставуваат децата од 2010-та наваму е дуплиран, иако наталитетот константно опаѓа и има сé помалку деца. Тоа значи дека полицијата многу поинтензивно реагира во случаите со домашно насилство – проблем што зафатена полиција го третира само кога мора.

Дури и критичарите на јапонскиот правен систем признаваат дека немаат многу нешта за плукање. Стапката на криминалци кои повторно извршуваат криминал по одлежување на затворска казна е многу мала, а од сам старт се прават и големи напори младите прекршители да останат надвор од затворите. Во превод, полицијата интензивно соработува со родителите во задржување на младите на правиот пат. И стапката на апсења меѓу возрасните е многу помала во споредба со повеќето богати земји: 45 апсења на 100.000 луѓе (во Британија се 146, а во САД се 666).

Од друга страна, судејќи по бројките, излегува дека полицијата е многу неефикасна. Иако има толку многу полицајци, а толку малку криминал, решени се само 30% од случаите. Најголемиот дел од останатите 70% се веројатно ситници што не вреди да бидат решавани (како кражбата на пар патики од чергиче). Најголемиот број од кривичните гонења, пак, се базирани на признание од самите прекршители (а не затоа што полицијата ги фатила). Судот, пак, ги отфрла ситните случаи како тој со крадецот на пивото во Кагошима (и покрај сиот вложен труд на полицијата).

Сé на сé, како што вели адвокатот Јошихиро Јасуда, Јапонија е земја без криминал не благодарение на полицијата, туку затоа што луѓето се „полицираат“ самите т.е. сами го одржуваат редот и поредокот.

- Реклама -