Според предлогот на Меѓународната тениска федерација и Здружението на професионални играчи, во иднина сетовите нема да се играат до 6 добиени гема, туку до 4. Исто така, при резултат од 40:40, нема да се игра „на разлика“ од два поена, туку првиот тенисер што ќе го освои наредниот поен ќе го освои и гемот.
Јасно е како бел ден дека намерата е да се скрати, и колку што е можно повеќе да се изедначи траењето на мечевите. Иако тенисот важи за бастион кога се работи за бескомпромисно почитување на воспоставените правила и обичаи, притисокот од телевизиите и спонзорите ги приморува дури и тенисерите да се прилагодуваат кон барањата на медиумите, и пред сé – огласувачите.
Колку самата должина на натпреварите, толку и неизедначеноста во времетраењето од меч до меч, веќе со децении создаваат проблеми во телевизиската програмска шема, пречејќи и на бизнис политиката на огласување. Се чини дека е само прашање на време, а дека конечната одлука е донесена уште пред 7 години, кога Иснер и Махут играа дури 11 часа и 5 минути. Тоа е предолго, дури и за најстрасните љубители на спортот. Или барем така сметаат најголем дел од инволвираните.
Новиве предлог-правила се тестирани во неколку варијанти, а потоа се воведени кај децата на возраст до 10 години. Генералната проба и конечен тест ќе се случи на турнирот „Млади надежи“ (играчи до 21 година) што ќе се одржи во Милано од 7 до 11 ноември, по што ITF и ATP ќе излезат и со дефинитивен став.
Новите правила
И понатаму ќе се игра во три добиени сета на поголемите и 2 добиени сета на помалите турнири. Но сетовите нема да траат до шестиот, туку до четвртиот освоен гем. Во случај на резултат од 3:3, ќе се игра тај-брејк – до 7 поени во секој сет. Тај-брејкот во завршниот сет веќе нема да се игра на два разлика.
Уште поголем импакт на скратувањето на натпреварите се очекува да има правилото според кое при резултат од 40:40, нема да се игра на освојување на два поена во серија, туку првиот добиен поен го освојува и гемот. Во таква ситуација, тој што го прима сервисот ќе има право да одреди од која страна на теренот сака да му сервира противникот.
Третата промена е укинувањето на „нец“-от, со што бројот на сервиси ќе се сведе на два обида, без исклучоци. Ако топчето удри во мрежата, но сепак заврши во предвиденото поле за сервис, сервисот ќе важи за легитимен и нема да се преновува. Ова правило може да доведе до голем број винери, а на тенисерите кои треба да одговорат на сервисот да им ја отежни работата.
Во интерес да се скратат натпреварите и да им се одзема помалку време на гледачите, се предлага скратување на сите можни паузи; на секој играч ќе му биде допуштен само по еден медицински тајм-аут, загревањето ќе трае 5 наместо досегашните 10 минути, а допуштените 25 секунди за сервис ќе ги мери часовник, а не судијата.
Во меѓувреме, тенискиот свет сфаќа дека во ова брзо темпо на живеење е нереално да ги држите гледачите предолго на еден меч, па на публиката ќе ѝ биде дозволено да ги напушта и влегува на трибините во текот на натпреварот.
Тренерите, пак, ќе останат надвор од теренот, но од одредени позиции на стадионот ќе можат да ги советуваат играчите.
Се предлага и за време на натпреварите во поединечна конкуренција да ги нема линиите за дубл. Очигледно, во тениските кругови се очекува во некоја прилично блиска иднина да дојде до поделба на терените за игра на двојки.
Само три промени во правилата низ историјата
Јавноста е прилично изненадена од крупните промени што ги предлага една тениската спортска асоцијација, која досега важеше за мошне традиционалистичка. Иако сите спортови горе-доле заиграа како што свират телевизиите и модерната публика, малку кој очекуваше вакви новости во тенисот.
Правилата на тенисот ги втемелил англискиот полковник Волт Клоптон Вингфилд уште во 1875 година, прецизирајќи ги и сплотувајќи ги дотогашните неколку варијанти. До почетокот на 20-от век, дефинирани се и висината на мрежата и оддалеченоста на основната линија до истата.
Подоцна правилата се успешно сменети само три пати. На почетокот на ’70-тите е укината обврската дека при сервисот едната нога на тенисерот мора задолжително да ја допира земјата. 20 години подоцна е воведен тај-брејкот, а потоа – благодарение на модерната технологија – и „челинџ“-от, со кој се стави крај на судиската „апсолутна власт“.
Се знае кој е газда
Предложените правила, освен што се во насока тенисот подобро да се прилагоди на медиските барања, имаат за цел и да го доближат спортот и до пошироката „не толку заинтересирана“ публика. Правото на поставување услови телевизијата го одработи сосема заслужено (настрана дали е позитивно) – се проценува дека токму таа во голема мера придонесе за популаризација и комерцијализацијата на тенисот. Како резултат, денес имаме ситуација во која само оваа сезона наградите на турнирите се зголемени за 5 д 15% во споредба со една сезона порано. Така, вкупниот награден фонд на Австралија Опен изнесува 37, на Ролан Гарос – 39.2, на Вимблдон – 41.3, а на USA Опен – дури 46.2 милиони долари. Без силната поддршка од телевизијата, тешко дека износите ќе достигнеа и половина од сегашните. Од друга страна, модерниот спортски гледач главно преферира подинамична, а пократка игра.
Промените ги поддржуваат и еден куп од тениските асови, меѓу кои и Новак Ѓоковиќ.
Тенисот е меѓу последните што се качија на возот на промени во насока на пократко времетраење. Тој процес веќе го поминаа кошарката, одбојката, фудбалот, боксот, пинг-понгот, уметничкото и брзото лизгање, борењето, атлетиката, гимнастиката… Следен на листата е голфот – следното европско првенство ќе се игра на терени со шест, наместо досегашните 9 дупки. Промени има и во трчањето – на неодамнешните трки на 1 милја во Австралија, се трчаше по правило секој последнопласиран тркач од првите три круга да отпаѓа од трката.