Не секогаш, ама има доволно шанкови со огледала за да се запрашаме: што бараат тие огледала таму? Едно е сигурно, не се таму без причина.
Познавачите велат дека тоа е историска пракса која потекнува од времето на салуните на Дивиот Запад. Во тоа време, баровите биле места за неволја, а седењето на шанк, свртен со грб кон случувањата, не било најпаметната одлука. Така, огледалото им овозможувало на седнатите на шанкот да ја надгледуваат ситуацијата и да си го чуваат грбот.
Но, зошто огледала во мирни времиња?
Нормално, една од причините има врска со психологијата на маркетингот. Имено, пред огледалата обично се поставени шишињата со жестоки пијачки, па одразот во огледалото создава илузија како да има повеќе шишиња и повеќе избор. Нашиот мозок „се пали“ на повеќе избор, а и на самиот ефект на изобилство (од алкохол) – исто како што повеќе ќе му светнат очињата пред поголем куп злато отколку пред помал.
Уште една, колку практична толку и психолошка причина, е што баровите се места за дружење и запознавање на нови луѓе. Огледалото овозможува подискретно меркање на присутните и бирање на „метите“.