Германците возат попаметно: Патент престројување

Ви се чини ли некогаш дека сé што прават Германците го прават подобро од другите? Не е случајно.

Тоа го докажуваат и со своите автомобили, ама и со правилата и однесувањето во сообраќајот. Во конкретниов случај ќе зборуваме за Reissverschlusssystem т.е. „системот на патент“. Тоа е закон кој наложува дека при соединувањето на две сообраќајни ленти, возачите треба да се престројат на последната можна точка, каде што возилата се спојуваат со тие од другата лента наизменично, како запци на патент.

Доцното престројување за најголемиот дел од возачите низ светот звучи контрапродуктивно и како да ги крши сите непишани правила на патиштата – според кои возачите би требало да го чекаат својот ред за престројување. Во спротивно, се смета за ризично и крајно безобразно ако некој долета од страна и пред сите се приклучи во лентата.

Но и покрај сите скептици, па дури и постарите Германци – кои со системот на патент се чувствуваат насамарени од возачот што се престројува, германскиот „патент“ одлично работи. Возачите, пак, кои нема да го пуштат возачот од соседната лента да се престрои откако ги поминал од страна, ризикуваат да добијат казна.

За да биде посликовито, ѕирнете го видеово. Црвените автомобили означуваат како не треба. Зелените означуваат како треба:

Во останатиот дел од светот возачката култура настојува да се престроите што порано. Но, проблемот со тоа е што главната лента се преполнува, а лентата од која се престројувате останува празна и неискористена, истакнува Леон Џејмс – професор кој држи предавања по возачка психологија на Универзитетот на Хаваи. Тоа е еден вид залудно арчење, во смисла дека го намалува протокот на возила.

Прочитајте и:  Германија најави нов проект: Неограничени посети на кино за само 12.5 евра месечно

Од друга страна, како што истакнува Џејмс, раното престројување има поголема психолошка тежина врз возачот што се престројува – мора да гледа напред и во ретровизор истовремено, оставен е на милост и немилост на другите возачи кои обично не го пропуштаат, го притиска сознанието дека лентата кај и да е му завршува и сл. – што пак се манифестира со помала општа безбедност на патиштата. Со системот на патент не постои таков стрес, бидејќи диктира наизменично престројување и другиот возач е приморан да ве пушти.

Згора на тоа, германскиот „патент“ е и далеку поефикасен. Истражувањето на Универзитетот во Небраска покажува дека системот на патент го зголемува капацитетот за престројување за 15%. Некои други истражувања покажуваат дека брзината на функционирањето се зголемува и до 20%.

Се разбира, потребна е многу едукација на возачите за спроведувањето на ова правило да биде успешно. Дури и да заштедиме само минута-две, вреди да се проба. И тоа е почеток.

- Реклама -