Папагали зависни од опиум ги пустошат индиските полиња со афион

Индиските земјоделци војуваат со дивите папагали, кои во меѓувреме очигледно станале зависници и сега ги уништуват полињата со афион.

Папагалите чекаат земјоделците да ги исечат плодовите од афион (така побрзо зрее) и потоа тргнуваат по својата доза. Притоа научиле дека не смеат да бидат гласни за да не бидат фатени на дело, па афионскиот поход, како и чекањето на околните дрва додека да си отидат земјоделците, се одвива во целосна тишина.

Откако ќе си ја набават дозата, папагалите одлетуваат високо во крошните и спијат или стојат неподвижни со часови – практично „стонираат“. Некои дури и паѓаат од предозирање и умираат. Пред конечниот пад, некои од папагалите ќе ги видите како летаат во кругови или се тетерават по гранките.

Земјоделците пробуваат сé што ќе им текне за да ги избркаат птиците од своите посеви, но ништо не им помага. Ниту петарди, ниту фрлање камења по нив, ниту тропање на лимени тапани. Зависници ко зависници, папагалите се упорни да дојдат до својот фикс.

Никој не знае како дивите папагали во Индија се навлекле на опиум, ама проблемите почнаа во 2015-та во афионскиот полиња близу градот Читогар. Оттогаш се шират и во другите градови, на пример денес ги има и во Немуч – оддалечен на околу 65 километри од Читогар.

Освен што опиумот е лош за самите папагали, прилично многу страдаат и земјоделците. Проценуваат дека птиците им уништуваат 10% од жетвата. Тоа е прилично многу, со оглед дека индиската влада бара од фармерите да произведат однапред договорен квантитет од опиум годишно за медицински цели.

На земјоделците им останува само да се надеваат дека нема и другите животни да почнат да им чепкаат во афионот.

- Реклама -