Следен пат кога ЛеБрон ќе зачекори на теренот, следете внимателно што прави. Настрана вообичаените кошаркарски активности – поени, скокови, асистенции, неверојатни банани од зад грб и сл. – туку и оние мали движења и навики што го прават ЛеБрон препознатлив како личност зад играчот. На пример, штом ќе издрибла до противничката половина на теренот, почнува брзо да шара со очите, од соиграч до соиграч, обидувајќи се да ги одреди и предвиди нивните движења. Некогаш покажува кон некое место на паркетот, друг пат ги брка соиграчите кога премногу ќе се доближат. Кога би можеле да му ги чуеме мислите, веројатно тоа би звучело како „Оди лево!“, „Не таму, не таму!“ и сл. А кога ја нема топката, грицка нокти и си игра со прерамките од дресот. Или џогира како на воен марш.
Овие мали детали додаваат само позитивни „стајл поинтс“ во популарноста на играчите, како и на самата НБА лига, особено меѓу помладите, кои обожаваат да ги имитираат овие тикови на своите идоли.
Брендон Армстронг е поранешен играч од развојната НБА лига, и создаде цела кариера од ловење на овие карактеристични движења. Може да се рече дека е атлетски талентиран комичар, и можеби најголемиот и најдобриот имитатор на НБА ѕвездите. Може да ја долови индиферентноста и безгрижноста на Џејмс Харден, општата ароганција на Стеф Кари, неуморниот интензитет на Расел Вестбрук, или миксот од вешта работа со нозе и уморот на Кармело Ентони.
Со други зборови, ја посочува креативноста со која сите овие играчи, како едни од најдобрите кошаркари, успеваат да ги прекршат основните правила на кошарката, особено чекори и дупли. Притоа Армстронг нé потсетува дека спортот е повеќе отколку само статистика, и дека некои од најзабавните моменти произлегуваат од малите гестикулации.