Еден мал остров на Јадранот, расположен крај брегот на Хрватска, привлекува сé повеќе внимание во последно време.
Дел е од архипелагот Шибеник на Далматинското крајбрежје, а преку целата своја површина – 1.4 километри квадратни, е покриен со мрежа од камени ѕидови. Се вика Баљенац (некогаш и Бављенац). Гледан од воздухот, заради овалната форма и долгите камени линии што потсетуваат на наборите на човечката кожа на прстите, островот личи на џиновски отпечаток.
Слично на многу западноевропски земји, како Ирска, Англија и Шкотска, голем дел од крајбрежјето на Хрватска е исполнето со камени ѕидови. Тие потекнуваат од пред многу векови, а во минатото биле користени за да ги одбележат границите меѓу соседните земјоделски ниви.
Импресивно е што овие ѕидови се градени без малтер кој би ги држел камењата на своето место. Наместо тоа, градителите се фокусирале на внимателно одбирање на соодветните камења, и поставување во компактна формација, како парчиња од сложувалка.
Мрежата од камени ѕидови на Баљенац е долга 23 километри. Неодамна хрватската влада побара од УНЕСКО да го вклучи островот и неговите карактеристични структури во листата на светско културно наследство.
Освен улога на граници меѓу нивите, камените ѕидови имале и друга, веројатно поважна улога: култивирање на теренот – кој воглавно е скалест, и заштита од силните ветрови и бурите, без која на така отворен простор не би било можно да се одгледуваат култури.
Слично е и на Паг – островот со најдолгата плажа во Јадранското море, каде земјоделците изградиле камени ѕидови со вкупна должина од повеќе од 1.000 километри.