Бали нема да ги покрива полуголите статуи при посетата на саудискиот крал

Властите на индонезискиот остров Бали, за разлика од Италија кога го пречека иранскиот претседател, одбиваат големите статуи на нивните полуголи божества да бидат прекриени за време на посетата на саудискиот крал Салман.

Бали е единствениот индонезиски остров на кој живеат претежно хиндуисти, за разлика од остатокот од Индонезија, која е најмногубројната муслиманска земја на светот.

Саудискиот крал и неговата свита од околу 1.000 луѓе во текот на неделата ќе престојуваат на Бали, откако заврши нивната државна посета на Џакарта. Тоа е првото патување на саудискиот монарх во Индонезија, по скоро пола век. При посетата на Џакарта, индонезискиот претседател Џоко Видодо покри некои голи статуи во палатата Богор, во знак на почит кон Салман.

Властите на Бали, пак, наведоа дека статуите ќе останат такви какви што се. „Нема да ги прекриваме, бидејќи тие се дел од нашата култура“, образложија тие, истакнувајќи дека се работи за уметнички дела.

Кралот Салман додуша не упати официјално барање за прекривање на статуите, но строгото толкување на исламот забранува статуи на божества и жени, особено разголени.

- Реклама -