Србин изнајмува крава за сликање со претседателските кандидати

Почна предизборната трка за претседател на Србија, а како и обично, со интензивирањето на кампањата расте и досетливоста на граѓаните.

Ова е уште еден таков обид, ако не да се заработи некоја пара, барем да се фрли некоја шега на сметка на кандидатите. И вака, и така – успешен.

Имено, корисникот на веб страната за онлајн продажба Limundo – потпишан како „Масниот“ од Нови Сад, објави дека ја изнајмува својата крава за претседателските избори. Шегата алудира на една од претходните кампањи, во која кандидатите ги обиколуваа шталите по селата и се сликаа со стоката, нормално, заради промотивни цели и демек грижа за земјоделците и сточарите.

Па така, во огласот на „Масниот“ стои:

„Изнајмувам крава за потребите за снимање спот за претседателските избори. Понудата важи само за владејачката коалиција, бидејќи тие имаат финансии; сите останати ми се сомнителни, дури и невладиниот сектор. Одиме на регистрирана фарма, и тука се запознаваме со макотрпниот живот на полјоделецот, се ракуваме покрај кравата и се сликаме, сé во траење од 3 часа. Дури ќе ви дозволиме и да ја погалите кравата по глава. Сликата не е од вистинска фарма, сликата е само илустрација“.

За ваквата услуга шегобиецот бара 20.000 динари, а претседателските кандидати ќе мора да побрзаат со понудите, зашто ништо чудно огласот да биде избришан/преместен, со оглед дека во моментов се наоѓа во категорија „Техника“.

- Реклама -