Здруженијата за заштита на децата предупредуваат на кукли-шпиони

lutka_spijunaza[1]

Некои од играчките поврзани на интернет можат да се претворат во вистински шпиуни, со кои може да се управува преку обичен мобилен телефон, предупредуваат од европското и американското здружение за заштита на правата на потрошувачите, кои воедно поднесоа и тужба.

Двете здруженија се посебно загрижени околу две играчки – куклата „Мојата пријателка Кајла“ и роботот „I-Ke“, кои не можат да работат без да користат апликации за мобилен телефон или таблет, објаснува Европското здружение за заштита на правата на потрошувачите (BEUC) во соопштението објавено денес во Брисел.

Спорните играчки ги произведува „Genesis Toys“ со седиште во Хонгконг, кои тврдат дека се најголем светски производител на играчки поврзани на интернет. Овие кукли се способни да одговараат на едноставните прашања кои им ги поставуваат децата, но сите разговори се шифрирани и се снимаат на серверите.

Во жалбениот текст, BEUC како спорен момент го наведува тоа што производителот не бара одобрение од родителите пред да ги собере снимките и другите лични податоци за децата, како и тоа дека секој збор што детето го изговара при играта е пренесуван од „Nuance“ – комуникациска компанија специјализирана за технологија за гласовно препознавање.

Во нацрт тужбата против Genesys Toys и Nuance, пред американската Федерална трговска комисија (FTC), дури четири американски компании истакнаа дека Nuance – кои тврдат дека собраните податоци ги користат за подобрување на своите производи – својата технологија им ја продава на воените, разузнавачките и полициските агенции.

„Кога играчката собира лични информации за детето, семејствата имаат право да знаат, и мораат да имаат избор во поглед на тоа како се користат податоците за нивното дете“, вели советничката за технолошка политика на американската непрофитна организација „Унија на потрошувачи“ – Кејти МекКинис.

И норвешката независна организација за заштита на потрошувачите (Forbrukkerradet) даде свој увид, во кој се истакнува дека  „Кајла“ и „I-Ke“ можат да се користат и како обични блутут слушалки, што ги прави дополнително подложни на злоупотреба.

„Секој многу лесно може да се поврзе на куклата. Така, на натрапник што ќе се најде во близина би му било многу лесно да се приклучи и да говори преку куклата, или преку таа врска да ги слуша разговорите на другите“, објаснува Фин Мирстад, официјалниот претставник на Норвешкиот совет на потрошувачи, од отсекот за дигитални услуги. „На производителот на овој безбедносен проблем му е укажано пред скоро две години. До сега мораше да биде отстранет“, додава тој.

А такво нешто би било прилично едноставно. На пример, во норвешкиот извештај се дава јасна препорака за мала измена на играчката – за приклучувањето на играчката да се бара и физички пристап, т.е. допир, т.е. поврзувањето на уредот да се потврдува преку притискање на копче на самата играчка.

Подносителите на тужбата наведуваат и дека куклата „Кајла“ е програмирана да изговара реченици кои содржат референци или се базираат на светот Дизни светот и Дизни филмовите, што всушност е и реклама, која децата тешко ја препознаваат. Извршниот директор на Кампањата за детство без маркетинг – Џош Голин, наведува дека децата се спријателуваат со куклите и играчките кои имаат своја „личност“, и дека им доверуваат детали од својот живот. Затоа, „од клучно значење е чувствителните податоци кои овие кукли ги собираат да бидат подложни на најстриктна заштита и да не се користат за манипулативен и прикриен маркетинг“.

Најмалку 18 здруженија за заштита на  потрошувачите и децата, од дури 15 земји, ќе го изнесат случајов пред надлежните власти.

„Мојата пријателка Кајла“ и роботот „I-Ке“, во Европа преку интернет можат да се купат за околу 50 евра (во САД се нудат за 60 и 90 долари).

Пазете што купувате.

- Реклама -