Трендови: Нараквици во низа

Откако геометрискиот накит, кабестите прстени и долгите ѓердани ја одбележаа летната сезона, сега повторно доаѓа еден лесно воочлив тренд меѓу накитот. Станува збор за впечатливи нараквици што се носат на раката во низа.

Со оглед на тоа што во топлите летни и есенски месеци рацете се најчесто голи, слободно „накитете“ ги со безброј нараквици. На комбинациите буквално им нема крај, само треба да имате доволно креативност, а богами и голем број разновидни нараквици.

Иако овој тренд лесно може да се изведе со десетина исти нараквици, подобро решение е ако си играте со боите и со материјалите од кои тие се направени. На пример, комбинирајте обична тенка розова нараквица со дрвен модел, а може да вклучите и метални парчиња.

За деловни комбинации доволно ќе биде да изберете две до три потенки нараквици и да ги носите во низа. Со еднобојната облека носете кабести модели од метал или од дрво, а ако носите шарена маичка барајте посмирени варијанти.

Во вечерните пригоди дозволено ви е поголемо експериментирање, па слободно комбинирајте нараквици со полудраги камења, кристали, циркони или светликави нитни.

Исто така, ако сакате да носите часовници, добро може да ги вклопите во комбинацијата од нараквици во низа. Погрижете се само бојата на часовникот да не отскокнува премногу од бојата на нараквиците.

- Реклама -