Енди Мареј веќе не го мачат повредите

Енди Мареј поради проблеми со коленото го откажа својот настап во Торонто, но британскиот тенисер експресно се рехабилитираше од таа повреда и повторно се наоѓа во топ-форма.

Новиот олимписки првак на најдобар можен начин го докажа тоа за време на својот премиерен меч на турнирот во Синсинати, против Сем Квереј, декласирајќи го Американецот со 6:2, 6:4.

Мареј делуваше особено импресивно во првиот сет, што го доби за 34 минути, при што направи само четири неизнудени грешки. Во преостанатиот дел од мечот Британецот калкулираше со силите, свесен дека вистинските предизвици на овој турнир допрва претстојат.

Пласман во третото коло во Синсинати обезбеди и Новак Ѓоковиќ, којшто го совлада италијанскиот тенисер Андреа Сепи со 7:6, 6:2. Србинот во следната рунда ќе се сретне со Николај Давиденко, додека Мареј ќе биде голем фаворит во дуелот со Французинот Шарди.

Хуан Мартин дел Потро го совлада ветеранот Томи Хас со 2:0 во сетови, па денеска ќе излезе на мегдан со Виктор Троицки, кој го декласираше Лејтон Хјуит со 6:2, 6:0.

- Реклама -