Мака, љубов и дрога: Ребетико – блузот на грчките „отпишани“

grafichka-novela-za-grchkiot-bluz-51274[1]

Пeсни за мака, љубов и хашиш: ребетико (ребетика) – музиката на грчкиот андерграунд од 20-тите години на минатиот век, која денес е позната низ целиот свет. Дрска, сурова, полна со болка, радост и искреност – тоа е музика која можат да ја испеат и исплачат само тие што живеат на работ на општеството.

Некогаш презираната музика на „паднатите“ денес се има претворено во културен амблем. Се свири и на најпрестижните музички сцени, а ја исполнуваат пејачи кои всушност и никогаш не го допреле животот за кој се пее во песните. Ребетикото е грчкиот американски блуз, а причини за таквата споредба има многу.

„Во светот, тие кои сакаат, јадат валкан леб. И нивната страст следи подземни патеки“ 

^ Bака отприлика звучи еден ребетико стих, обично отсвирен на бузуки или баглама (инструмент сличен на бузукито, со потекло од Мала Азија).

По грчко-турската војна (завршува во 1922 година) и по последователната размена на население меѓу завојуваните страни, во Грција осамнаа два милиона бегалци – Грци од малоазиското крајбрежје, односно од регионот на Смирна (Измир), кои во татковината ќе останат без дом и сигурен живот. Грчкото општество не успева да ги интегрира. Бедни и оставени на работ, тие наоѓаат утеха во сенишниот свет на задимените крчми, бордели и пушални за хашиш по пристаништата. Како португалското фадо, шпанското фламенко и тангото, и ребетикото станува музика на големиот град.

„Вечерва кај Тома сите ќе се веселиме,
но ако сакаш длабоко да ги разбереш нештата, Бабис ќе ти објасни
Јоргакис со виолината ќе те остави без зборови,
а Марика ќе ти климнува и ќе ти се смее, додека свири на дајрето“

Стихот „Ако сакаш длабоко да ги разбереш нештата, Бабис ќе ти објасни“ алудира на наркотиците и дрогите, кои се неразделен дел од културата на ребетикото. Но во песните нема реална потреба од совети. Меѓу најпопуларните теми е радоста од споделувањето на наргилето со хашиш, а и кокаинот, морфинот и хероинот, со кои несреќниците ја утешувале својата мака.

„Сметот кој го намирисав, ме турна кон иглата. И моето тело почна да копнее. Ништо во светот не ми остана, тоа ме истера на улица да умрам“

Стихов звучи современо, но песната – со наслов „Тогаш почнав“, е снимена дури во 1910 година.

Во сржта на ребетикото се затворот и пушалната за хашиш. Токму таму првите „ребетес“ ги создавале своите песни. Пееле со тивок, рапав глас, без напор, надоврзувајќи се еден на друг, нафрлајќи стихови кои често немале врска со претходните. Песната продолжувала со часови, со лесна мелодија. Без хор, пејачот единствено го следел „ребетис“ (свирачот) на бузуки, а најчесто на баглама – помала верзија на бузукито, лесна за носење, лесна за правење во затвор и лесна за криење од полицијата.

Првите песни ребетика, особено лубовните, се базирани на грчките фолклорни песни и песните на Грците од Смирна и Константинопол.

Автор на погорните стихови е Елиас Петропулос – етнограф кој во 1968 г. ја пишува книгата „Песните ребетика”, која ќе му донесе мноштво проблеми со цензурата на воената хунта.

СМИРНЕНСКИ СТИЛ

Кон крајот на 19-от век, музичките кафеани, наречени „кафеаман“ прцветуваат по европските, но и по азиските брегови на Егејското море. Името доаѓа од често повторуваната воздишка „аман“ во песните, во кои се судруваат влијанија од различни стилови и традиции. По преселбата од 1922 година, многу од тие музичари, бегалци од Измир, ги пренесуваат родните ритми и, попаднати во новата средина – каде најбедните пристанишни работници биле единствените кои општеле со новодојденците – го создаваат ребетикото какво што е познато ширум светот. Сепак, во почетокот, нивното пеење се нарекува просто „смирненски стил“.

Прочитајте и:  12-та „Охридска визита“ на ВИС Билјана

Меѓу бегалците од Азија се и добро школуваните професионални музичари, како Панајотис Тундас, Спирос Перистерис (кој свирел на мандолина, китара, пијано и бузуки) и други. Овие музичари ќе извршат силно влијание врз подоцнежниот развој на ребетикото, кога стилот ќе исплива од низините и ќе се здобие со брза популарност, а првите записи почнуваат да жнеат „комерцијални“ успеси. Крајот на 20-тите ќе стане родна лулка на многу напишани песни во „смирненски стил“ во Грција.

Во меѓувреме, професионалните музичари од Смирна почнуваат да го изнесуваат ребетикото од задимените крчми и пушални, вклучувајќи го во своите репертоари изведувани во поголемите и попрестижни градови. Низ 30-тите години ќе биде создадена и жанровската смеса во која ќе се соединат стариот смирненски (поориентален) и новиот пирејски стил (со основен инструмент бузуки), придружени со европски елементи и грчки фолклорни мотиви. Со популаризирањето на жанрот, пак, во текстовите почнуваат да се губат карактерните елементи на ребетикото, тесно поврзувани со тогашниот грчки андерграунд.

https://youtu.be/9o2qi0WnuaM?list=PL243630F69879B417

ЦЕНЗУРАТА

На 4 август 1936 година, Јоанис Метаксас воведува диктаторски режим, чија цензура сосема очекувано ќе влијае и на растечката популарност на ребетикото. Метаксас ги затвора таканаречените „текедес“ – пушалните на хашиш, кои дотогаш постоеле во вид на полуилегала. Сите музички записи се подложени на цензура, а од текстовите исчезнуваат сите референци и стихови за наркотици или нелегални професии. Како реакција на таквата состојба, жанрот добива голема популарност меѓу грчките имигранти во САД, каде што за разлика од Грција, е слободен од цензура.

За време на нацистичката окупација (1941 – 1944), па дури и до 1946 година, сето ребетико творештво е во прекин. Затоа пак, во поствоениот период, стилот доживува брз и бурен развој, но и метаморфози кои водат до создавање на нови музички стилови. Првобитниот лик постепено се засенува.

Сепак, ребетикото во оригиналната форма повторно оживува за време на воената хунта (1967 – 1974), кога Режимот на полковниците целосно го забранува. Но елементот на бунт и непотчинетост станува исклучително важен за тој нов бран од музички творци, кои ќе го воскреснат фениксот ребетико од пепелта. Иако ребетико песните ретко се директно политички, тие се нанижани со социјални мотиви, нескротлив дух и презир кон властите. Меѓу најголемите и најпознати популаризатори на стилот од тоа време се Микис Теодоракис, Манос Хаѕидакис, Елиас Петропулос, а подоцна и Јоргос Даларас.

ДЕНЕС

Популарноста на ребетикото и ден денес е во пораст. Уште од почетокот на 70-тите години на 20-от век, започнува трупањето на книги, статии и научни истражувања, а со нив и илјадници презаписи, филмови, исполнители и музички групи, низ целиот свет.

Во предговорот кон петото издание на својата книга „Патишта на ребетиката“ – едно од првите и најзначајните истражувања на темата, авторот Гејл Хост пишува:

„Поистоветувањето, кое јас и други коментатори го правиме меѓу ребетиката и американскиот блуз, ми изгледа потврдено од трајната популарност на ребетиката, и од слободата со која формите им се адаптирани. Песните имаат изминато долг пат од своите музички и социјални корени. Претрпеле, како и блузот, период на отфрлање по разни морални и општествени основи. На сличен начин биле и модифицирани кон вкусот на поширокиот аудиториум и подоцна создадени во ‘чист’ вид. Денес, кога песните се исполнуваат во разни слободни и строги форми, почнуваме да ги цениме најдобрите песни од раната, средната и возродената ребетика – сами по себе; добри песни по сите стандарди“.

- Реклама -