Зошто мразам креми за сончање

krema

Експертите советуваат добро да ги читаме ознаките на пакувањата на кремите за сончање. Кремите за сончање се важни за заштитата на кожата, но ниту една всушност не нé штити во целост од штетното влијание на прекумерната изложеност на ултравиолетовото зрачење.

Тоа дека заштитниот фактор (SPF) треба да биде најмалку 30 – се изнаслушавме. Тоа што поретко го слушаме е дека заштитниот фактор не е баш најдобриот показател на карактеристиките на кремата и може да доведе до заблуда дека производот комплетно штити од сонце.

Вистината е дека заштитниот фактор се однесува на црвенилото на кожата – што значи дека кремата со ознака 30 штити дупло подобро од таа со SPF 15, но само кога станува збор за опекотини од сонцето. Таквата линеарна врска пак, не постои кога кремите се споредуваат според степенот на абсорпција на UV зраците. На пример, производите со SPF 15 апсорбираат 93% од UV зраците, а тие со SPF 30 – до 97%. Кај производите со SPF 50 овој ефект не е нешто значително поголем, за разлика од цената.

Баш заради овие „недоследности“, Европската Унија донесе препораки за воведување на појасен начин на обележување на производите за сончање, во смисла на степенот и типот на заштита на кој се однесуваат. Во Америка пак, веќе некое време постојат нови правила во декларирањето на овие производи, а вообичаените ознаки веќе не се дозволени. Воведена е и обврска за специфични тестирања за секој производ, кои се однесуваат на изјавите (околу заштитата од сонце) испишани на самиот производ. Така, на производите кои штитат само од опекотини од сонце, а не и од UV зрачење, мора да постои посебно предупредување, а воведени се ограничувања и кај ознаките „водоотпорно“ – на пакувањето мора да биде наведено „40 минути“ или „80 минути“.

Така, кога бираме крема за сончање, чичко експерт препорачува да се одлучиме за таа која освен соодветниот SPF фактор, има ознака дека штити и од UVA зрачења. Ефектот по паричникот не е целосно познат, бидејќи варира од човек до човек.

Многу важен совет од чичко експерт е и да користиме доволна количина на заштитна крема. Според податоците, просечен потрошувач како мене и тебе, во просек користи двојно помалку крема од потребното. Со тоа не само што штедиме крема, туку заштедуваме и на ефектот на заштитата, и тоа дури и повеќе од 50%. Во реалноста пак, за заштита на целото тело на просечно возрасно лице, обично се потребни 35 грама, т.е. 6 кафени лажички крема – по мачкање. Со други зборови, пакување од 200 грама е доволно за само пет-шест брцкања во вода, што е лоша вест со оглед на тоа што експертите потсетуваат дека кремата треба одново да се нанесе после секое пливање, туширање или бришење со пешкир.

… Што нé води до најекспертскиот совет: да си седиме под сенка… намачкани, по можност.

- Реклама -