На нуклеарните бомби никако не треба да се гледа со радост, особено не непосредно по најгрозниот настан во поновата историја – атомските бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки. Сепак, туристите во Лас Вегас во 1950-тите не мислеа така.
Не помина ни деценија од бомбардирањето на Хирошима, а американската влада веќе успеа да ја убеди општата јавност дека атомските бомби и не се баш толку опасни, макар што сите докази го сугерираа спротивното. До толку им одеше реториката, што од нејзината матка произлезе едно ново дете – нуклеарен туризам.
Бидејќи во тоа време Студената Војна наводно претставуваше сериозна закана по САД, американскиот претседател Хари Труман со радост го поздрави отварањето на Nevada Proving Grounds (област за нуклеарно тестирање) во пустината Невада во 1950-тата, што им даде одврзани раце на официјалните лица да започнат со нуклеарни тестови.
Експлозиите и „печурките“ беа јасно видливи од главниот булевар на Вегас, а како што можете да замислите, детонациите на нуклеарно оружје беа фасцинантна глетка и доживување. Посетители од сите страни навалуваа во Лас Вегас за да видат што е можно повеќе.
Претприемачите од Вегас брзо го искешираа јавниот интерес, дури и ако тоа подразбираше баровите да служат тематски „атомски“ коктели. Голем дел од тоа што се случуваше во ноќниот живот во „Градот на гревот“ беше тесно поврзано со новиот експлозивен туристички тренд.
Дури имаше и нуклеарни тематски избори на убавина. Еден таков од 1952, повикуваше шармантни натпреварувачки што „зрачат љубезност наместо смртоносни атомски честици“. Победничката доби титула Мис Атомска Бомба.
На сето ова, сопствениците на казина гледаа како на огромна можност, па токму тогаш главниот булевар почна да се трансформира во центар на забавниот живот каков што го знаеме денес.
Во текот на 12-те лукративни години, нуклеарниот туризам на Лас Вегас му донесе профит од 176 милиони години – со денешна вредност од 1.7 милијарди долари. И денес Лас Вегас е познат по „бомбастичната“ забава, ама сето тоа изгледа досадно во споредба со нуклеарните тестови од средината на 20-от век.
Во 2015-та, американската влада тестираше нуклеарна гравитациона бомба вредна 8.1 милијарди долари, но настанот беше пресретнат со многу помал интерес од некогашниот. Со оглед на потрезниот однос што денес го имаме кон нуклеарното оружје, тешко е да се замисли дека некој би славел нуклеарна бомба. Но, ете, во 50-тите, гледачите успешно се дистанцираа од реалноста и уживаа во чувството на моќ.