Главниот извршен директор на Tesla, Илон Маск, призна дека ја следи внимателно конкуренцијата, како постоечките производители на електрични возила, така и оние кои може наскоро да влезат на овој пазар.
Заклучоците од неговите набљудувања се многу интересни. Како што потенцира Маск, очекува Apple да стане сериозен ривал на Tesla, но не и Google.
– Од Google имаат направено одлична работа во развојот и демонстрацијата на потенцијалот на автономниот транспорт, објасни Маск. – Но, тие не се автомобилска компанија.
Што се однесува до Apple, Маск не коментира дали технолошкиот гигант навистина ќе конструира свој автомобил, но призна дека нивните размислувања и досега направени потфати веќе ја прават компанијата директен конкурент на Tesla.
– Мислам дека во Apple требаше доста порано да се зафатат со овој проект, потенцира Маск. – Засега нема ништо конкретно, тие не откриваат детали, но од она што се знае дека сериозно размислуваат на ова поле. А, кога тие ќе се зафатат за нешто, праксата покажува дека е „фатено“. Тешко е дека ќе можат да произведуваат сериски модел пред 2020 година, а тоа нам ни дава сериозна предност. Не само нам, туку на повеќе производители на електромобили кои најавија сериозни модели на ова поле во наредните три години. Времето ќе покаже сé!