На лесковачка во Северна Кореја

Нема да зборуваме баш за лесковачки плескавици, туку за тоа како се јаде брза храна во Северна Кореја, како и за уште неколку ситни занимливости.

Во следново видео, ќе го видите фотографот Џака Паркер од Индонезија, кој доловува мало парче од секојдневието на севернокорејската реалност, која патем владата на земјата во голема мера ја крие од јавноста.

Паркер работи и се доселил во Пјонгјанг доцна во 2012-тата и живее во дипломатска населба во областа Мунсу. Северна Кореја има многу строги регулативи околу тоа кој може да влезе, и уште потешко – да живее – во рамките на нејзините граници. Според Институтот за миграциони полиси, миграцијата во земјата „примарно вклучува привремени посети од (главно јужнокорејски) бизнис менаџери, инвеститори и туристи“ – посети кои главно се организирани од јужнокорејското Министерство за унификација, кое постои со цел „Северот и Југот да се доближат на економски, социјален и евентуално политички план“.

Паркер со семејството
Паркер со семејството

Тоа што Паркер живее во главниот град на Северна Кореја и не е така шокантно како што се чини. Индонезија е една од малкуте земји кои не ги прекинаа односите со Северна Кореја, како што тоа го направија другите заради прекршувањата на човековите права и програмата за нуклеарни проектили. Блиската врска на Индонезија и Северна Кореја можеби потекнува уште од 1960-тите, кога лидерите на двете земји се разнежниле околу едно цвеќе.

Прочитајте и:  Во Лесковац испечена најголемата плескавица во светот тешка 86.4 килограми (ВИДЕО)

Имено, според книгата „Кореја во 20-тиот век: 100 значајни настани“, издадена во Пјонгјанг, во 1965-та Ким Ил-Сунг ја посетил Индонезија за да се сретне со претседателот Сукарно, кој го одвел севернокорејскиот диктатор во ботаничката градина Bogor, каде што процветала и алијансата помеѓу двете земји.

Во книгата стои:

„Ил-Сунг запре пред едно особено цвеќе, неговото стебло се извиваше право, листовите беа раширени, и изгледаше убаво, а неговите розеви цветови ја покажуваа неговата елеганција и непроценливост; тој рече дека цвеќето изгледа прекрасно, пофално зборувајќи за успехот при одгледувањето на истото.

Сукарно рече дека растението уште не е именувано, и дека ќе го нарече по Ким Ил-Сунг. Ким Ил-Сунг ја одби неговата понуда, но Сукарно искрено инсистираше дека почитуваниот Ким Ил-Сунг е достоен за така голема чест, бидејќи веќе имаше направено големи дела за доброто на човештвото“.

Многу веројатно е дека приказнава е повеќе пропаганда отколку факт, ама земјите продолжуваат да го негуваат меѓусебниот дијалог, а секоја од нив има своја амбасада кај другиот.

- Реклама -