Како деца, многу од нас замислуваат дека имаат супермоќи. Јас бев страсен читач на стрипови и често замислував дека сум невидлив. Никогаш не помислив дека всушност ќе го доживеам тоа, но се случи. Не беше во паралелен универзум – иако често така се чувствував. Додека отслужував казна во њујоршките затвори, поминав 2054 дена во самица. Бев надвор од видното поле и невидлив за другите човечки суштества – и на крајот, дури и за себе.
По само кратко време поминато во самица, се чувствував како сите сетила да почнуваат да ми се намалуваат. Таму немаше ништо што да се види освен сиви ѕидови. Во њујоршките таканаречени Special Housing Units, или SHU-а, повеќето ќелии имаат цврсти челични врати, а некои немаат прозорци. Не смееш ниту да залепиш слики или фотографии, тие мораат да бидат чувани во плик. За да се изборам со празнотијата, броев тули и ги мерев ѕидовите. Опсесивно зјапав во штрафовите на вратата од мојата ќелија.
Немаше што да се чуе освен празни гласови што одекнуваа како ехо од другите делови од затворот. Беше толку осамено што халуцинирав зборови што излегуваа од ветрот. Звучеа како шепотења. Некогаш ја мирисав бојата на ѕидовите, но почесто, само се мирисав себеси, револтиран од сопствениот мирис. Немаше допир. Храната ми беше протуркана низ отвор. Вратите беа активирани од „базери“ (сензори со зуење), дури и таа што водеше кон буквалниот кафез директно надвор од мојата ќелија, во кој еден час дневно поминував во „рекреација“.
Дури и времето немаше значење во SHU-то. Светлата беа запалени 24 часа. Често се прашував дали некој настан на кој се сеќавав се имаше случено тоа утро или денови порано. Зборував сам со себе. А по некое време, почнав и да се плашам дека чуварите ќе влезат и ќе ме убијат и ќе ме остават да висам во ќелијата. Кој ќе знае ако нешто ми се случи? Просторот што го населував беше невидлив за надворешниот свет, каков што бев и јас.
Се обидувам да им објаснам на луѓето како сетилната депривација и отсуствтото на човечки контакт влијае на една личност. Се обидувам да ги натерам да видат колку многу всушност ни е потребна човечка валидација. Самата суштина на животот е во човечкиот контакт, и афирмацијата на постоењето што произлегува од тоа. Со губење на тој контакт, го губиш чувството за идентитет. Стануваш ништо. На тоа мислам кога велам дека станав невидлив за самиот себе.
Секој што недоволно го познава нашиот државен затворски систем веројатно ќе нагаѓа дека јас мора да сум многу страшен, затвореник надвор од контрола. Но, јас никогаш не извршив ниту еден акт на насилство за време на целата моја казна. Наместо тоа, за серија од „тикети“ и писмени казни за нарушување на затворските правила, бев казнет со вкупно повеќе од 5 години во „кутијата“.
Во Њујорк, стражарите делат казни како бонбони. Добив бескраен низ од казни, секоја поапсурдна од претходната. Кога пробав да користам уметност за да останам ментално здрав, бев казнет за поседување на премногу моливи. Вишокот моливи се сметани за наострени објекти, т.е. оружја. Друг пат, имав премногу поштенски марки, кои во затвор ги користат како валута и се сметани за шверц.
Мојот случај е далеку од невообичаен. Студија од 2012 спроведена од њујоршката Унија за цивилни слободи, најде дека 5 од 6 од вкупно 13-те илјади SHU казни што се доделени секоја година, се заради ненасилно однесување, отколку за насилни акти. Било кој ден, има 3800 луѓе што се во изолирана самица во државата, многумина со месеци и години. Тие што се обвинети за посериозни затворски прекршоци и тие што се сметаат за постојан ризик за безбедноста, се држени во самица по 20 години или повеќе. При доделувањето на овие казни во рамките на веќе доделените затворски казни, официјалните лица на затворите се однесуваат како обвинители, сведоци, судии и пороти. Не постои одбрана.
Секој знае дека затворот е наменет да ти ја одземе слободата. Но самицата не само што го осудува твоето тело, туку ти ја убива душата. И прави да е тешко некогаш повторно да живееш меѓу луѓе.
Заради начинот на кој го напуштив затворот, врз основа на судски случај, нема претходна информација за денот на моето пуштање. Бев во Upstate – затвор со максимално обезбедување сосема на северот до канадската граница. Бев во самица кога стражарот едно утро дојде до мојата ќелија и рече „Нема доручек денес. Излегуваш“. Ме врза со лисици и ме пребара, а потоа ме однесе до портата, каде што ме одврза, побара да потпишам документ и ми даде торба со работите што ги поседував и 40 долари.
И тогаш бев надвор, сам. Беше 7 наутри и само стоев таму долго време, додека не дојде комбе да ме однесе на автобуската станица. Беше како сон. Ми дадоа билет и се качив на автобусот и бев толку преплавен со чувства што спиев 9 часа. Кога се разбудив се наоѓав на автобускиот терминал во Port Authority, што мора да е едно од најпрометните и најлуди места во светот.
Се сеќавам како се свиткав токму таму, на автобуската станица. Тогаш не знаев, но го имав првиот паничен напад. Се потев и можев да го почувствувам срцето што ми чукаше како да ми излегува од градите, а очите ми се превртуваа напред-назад. Само се лизнав кон подот во еден ќош.
Се сеќавам дека ми пристапи еден бездомник и ме праша дали сум океј, а потоа рече „О, само што си дошол дома“. Не знаев дали и тој некогаш бил затворен, или дали има видено слични ситуации на станицата и порано. Ама тој знаеше што се случува.
Дојде полицијата, и им кажав дека само што излегов. Ме испратија надвор од автобуската станица. Тажно е, но повторно се почувствував удобно – тогаш, додека бев испраќан од лица во униформи, кои ми кажуваа што да правам. Бев во така лоша форма што плицијата ме испрати право во болница. Останав таму неколку дена. Требаше итно да се пријавам на условно веднаш штом стигнам во градот. Така, само еден ден по напуштањето на самицата, веќе го прекршив условното – и бев пратен назад во затвор.
Следниот пат кога излегував, излегував од општа келија, не од самица, и имав ментална дијагноза – биполарен сум – па успеав да побарам професионална помош, иако не беше лесно. Системот е насрден на поранешните затвореници на толку многу начини, што прави да е речиси невозможно да најдеш покрив над главата, работа или помош. А ако си бил оштетен од самица и можеш одвај да функционираш во слободниот свет, тоа е уште потешко.
Никогаш не можеш комплетно да закрепнеш. Само учиш да живееш со лузните што самицата ги оставила.