Се влошува ли човештвото како што се подобрува технологијата?

Screen-shot-2010-11-01-at-9.19.18-PM[1]

Замисли дека двајца луѓе сечат едно исто дебело дрво, во исто време. Едниот користи рачна пила, а другиот моторна. Ако си загрижен за иднината на дрвото, на кого повеќе ќе внимаваш?

Оваа логика наведува многумина да сугерираат дека технолошката еволуција е поважна од биолошката. Во денешно време, не е биолошката рачна пила, туку технолошката моторна пила таа што најбрзо го менува и редефинира тоа што значи да си човек. Направите што ги користиме го менуваат начинот на кој живеме побрзо од било кој натпревар помеѓу гените. Ние сме дрвото, дури и ако не сме свесни дека се менуваме.

Под претпоставка дека еволуираме како резултат на носењето и употребата на сé повеќе технолошки протези – сé попаметни смартфони, корисни паметни очила и самоуправувачки паметни автомобили, се наметнува прашањето: Дали овој тип на еволуција ќе нé одведе во саканата насока, како што обично претпоставуваме дека тоа го прави биолошката еволуција?

Некои, како основачот на Wired – Кевин Кели, сметаат дека одговорот е недвосмислено „ДА“. Во неговата книга „Што сака технологијата“, Кели пишува: „Технологијата го сака тоа што го сака животот: растечка ефикасност; растечки можности; растечко присуство; растечка комплексност; растечки диверзитет; растечка специјализација; растечка сеприсутност; растечка слобода; растечка взаемност; растечка убавина; растечка свест; растечка структура; растечка еволуибилност“.

„Растечкиот“ дел од теоријата може да биде тестиран со кратко патување на север, до изолираната област јужно од Хадсон Беј. Таму живеат Оџи-Кри, луѓе, околу 30.000, кои населуваат студена и опустошена земја на површина колку Германија. Преку поголемиот дел од 20-от век, овие луѓе живееја на релативно едноставно технолошко ниво. Како номади, тие живееја во шатори преку летото, а во дрвени кабини преку зимата. Чевли за снег, санки со кучиња и кануа беа главните средства за превоз, користени за ловење и убивање на риби, зајаци и ирваси за храна. Еден доктор што работел меѓу овие луѓе во 1940-тите, забележал отсуство на нервни и ментални сломови или злоупотреба на супстанци кои ствараат зависност, истакнувајќи дека Оџи-кри живееле „суров, ригорозен живот со многу вежбање“. Несомнено, овој народ секогаш ги импресионирал странците со својата живост и сила. Друг посетител, во 1950-тите, пишувал за нивната „остроумност, храброст и самопожртвуваност“, истакнувајќи дека на Северот, „само тие подготвени да се соочат со тешкотии и подготвени на жртва можат да преживеат“.

Оџи-кри имале развиени контакти со европските доселеници со векови, но дури во 1960-тите, кога камионите започнаа да патуваат на север, новите технологии како струјата и моторот со внатрешно согорување „пуштија пипци“ во областа. Оџи-кри радо ги прифатиле овие нови алатки. Може да се рече дека поминаа низ брза еволуција и низ стотици години технологија, во само неколку декади.

Добрите вести се дека денес, народот Оџи-кри не се соочува со гладување преку зимата, што порано беше редовен проблем и однесе многу животи. Денес полесно ја увезуваат и ја складираат храната што им е потребна, а уживаат и во слатки и во алкохол. Животот им стана поудобен, а веслањето кануа и пешачењето по снегови се заменети со моторни чамци и сноумобили. Од 1980-тите имаат и телевизија, која беше пречекана со голема популарност.

Сепак, во целина, приказната за Оџи-кри нема хепиенд. Од моментот на пристигнување на технологиите, популацијата се соочува со масовно зголемување на „морбидната гојазност“ (медицински термин за гојазност од сериозен размер, што предизвикува низа здравствени проблеми), со срцеви болести и со дијабетес тип 2. Општествените проблеми исто така го зграпчија животот на Оџи-кри: мрза, алкохолизам, зависности од дроги и стапката на самоубиства стигнаа до едно од највисоките нивоа ширум планетата. Дијабетесот, на пример, е толку чест што афектира 40% од населението и научниците сметаат дека многу деца, по изложеноста во матката, се родени со зголемена предиспозиција за болеста. Детската гојазност е исто така распространета и често можат да се видат 10-годишни деца што изгледаат како да се во средните години од животот. Неодамна, шефот на една помала Оџи-кри заедница процени дека половина од возрасната популација е зависна од OxyContin и други аналгетици.

Технологијата не е единствената причина за овие промени во животот на народот, но научниците заклучуваат дека е главниот фактор. Во минатото, секојдневниот живот на овие луѓе изгледаше како работен ден со тренинзи на професионален спортист. „Во раниот 20-ти век“, пишува еден истражувач, „пешачењето и по 100 километри на ден не беше реткост“. Но, тие денови се одамна поминати и заменети со модерен комфорт. И покрај воведувањето на модерната медицина, генералното здравје на Оџи-кри опаѓа со неповратно темпо и народот буквално умира како резултат на технолошкиот напредок.

Сепак, Оџи-кри се необичен случај. На секое општество му треба време да се прилагоди на новите технологии, а згора на тоа нивната заедница прострада и други трауми, како колонизација и деструкција на културниот континуитет. Сепак, приказната носи важно предупредување за човечката раса. Проблемот со технолошката еволуција е што е под наша контрола, а за жал, ние не секогаш ги носиме правите одлуки.

Од анимираниот филм Wall-E
Од анимираниот филм Wall-E

Биолошката еволуција, од друга страна, е водена од преживувањето на најподготвениот, бидејќи адаптивните особини што ги промовира се тие што ги зголемуваат шансите за преживување и репродукција на една популација. Не е секогаш перфектна, но барем, грубо земено, е во корист на организмите кои се адаптирани на нивната околина.

Технолошката еволуција има поинаква движечка сила. Таа е само-еволуција и е водена од тоа што ние го сакаме, наместо од тоа што е адаптивно. Во пазарната економија тоа е дури и покомплексно: За повеќето од нас, нашите технолошки идентитети се детерминирани од тоа што компаниите решаваат да го продаваат, базирано врз тоа за што сметаат дека ние како консумери би платиле. Како човечки вид, не сме многу поразлични од Оџи-кри. Ние сме проектили кои го следат комфорот и се трудиме максимално да ја минимизираме болката и да го максимизираме задоволството. Кога се работи за технологиите, воглавно сакаме да ги олесниме нештата. Да не ни биде досадно. А да, и можеби да изгледаме помладо.

Нашата желба за комфорт, комбинирана со технолошките моќи, создава непријатна можност. Ако не сме доволно внимателни, нашата технолошка еволуција ќе не однесе не кон „сингуларити“ (точка кога интелигентните машини ќе создаваат поинтелигентни од себе), туку кон „софаларити“, како што ја нарекува Тим Ву во The New Yorker. Под терминот се подразбира иднина дефинирана не од еволуција кон суперинтелигенција, туку од отсуство на неудобности.

Добар пример за „софаларност“ има во анимираниот филм Wall-E, каде е прикажана една дистописка визија за човештвото. Луѓето се дебели, се излежуваат на сонце, пијат зашеќерени сокови, зборуваат преку видео-екрани и гледаат реклами за продукти на компанија што се вика „Buy n Large“. Тоа е сé што прават.

Софаларноста не е неизбежна, но е доволно веројатен исход што нé преупредува дека како човечки род, мораме да најдеме механизми за да нé чуваат на правиот пат. Технолошката индустрија, која во голема мера нé дефинира, има должност да го опслужува нашето поцелосно ‘јас’, наместо само нашите поповршни интереси. А со средствата и можностите за такво нешто дефинитивно располага. Ние пак, како консумери, треба постојано да се потсетуваме дека нашата колективна побарувачка ја обликува нашата иднина како вид, и ја дефинира пост-хуманата ера.

- Реклама -