Ако некогаш патувате на Филипините, патот може да ве натера да поминете до гробиштата во близина на главниот град Манила. Ова не се обични гробишта, овде мртвите имаат подобри домови и од живите. Буквално. Најголем дел од овие „гробови“ имаат целосно функционални кујни, бањи, па дури и спални соби, каде блиските можат да преспијат покрај нивните закопани роднини. има и случаи кога живите живеат во овие куќи барабар со мртвите – цело време, а не само на посета. Добар дел од овие гробови се и поголеми од повеќето куќи, а во рамките на гробиштата се протега и мрежа од вистински двонасочни улици. Оттаму, ги нарекуваат „Беверли Хилс на мртвите“.
Е па, добродојдовте во Кинеските гробишта на Манила. Тие се засебно соседство, оригинално воспоставено кога шпанските колонизатори им забранија на кинеските трговци да ги користат католичките гробишта. Кинезите беа присилени да си изградат свои, а бидејќи повеќето кинески фамилии беа богати (трговци, нели), тие градеа цели мансиони околу гробовите на своите блиски, за да се погрижат да им биде удобно во задгробниот живот – пракса што датира уште од 19-от век.
Кинезите неизмерно ги почитуваат починатите уште од древни времиња. Тие веруваат дека душите на мртвите живеат во друг свет, а гробовите се нивните Земни престојувалишта.
А кога фамилијата што ги гради може да си дозволи, овие Земни „резиденции“ знаат да бидат високи и по три ката.
Во меѓувреме, стана традиција живите да поминуваат цели денови во посета на починатите, па и да инсталираат куќни апарати и удобства, како телевизори, каучи и функционални тоалети. Спомнавме и погоре: има и такви што претерано се заљубија во мирот на „соседството“, па останаа трајно да живеат таму. Има и такви што тврдат дека се родени таму.
Мавзолејот, пак, има и фино поплочено дворче, што многу потсетува на мини плоштад, а е опремен и со телефонска линија и локален ресторан.
Како и во секоја урбана област, има побогати и посиромашни делови. Помалите и послабо одржуваните гробови обично се групирани на крајот од тесните улички, подалеку од главните порти.
Денес гробиштата не се во во пикот на некогашниот сјај. Дури и некои од најубавите мавзолеи денес изгледаат по малку запуштено. Инаку се во сопственост на градската управа на Манила, која наводно стартуваше програма за експанзија и изградба на нови апартмански гробови и крематориум.
Кинеските гробишта станаа еден вид на туристичка атракција. Можете да изнајмите професионален водич за да ве носи на тура низ пространиот град на мртвите и да ви ги покаже најинтересните гробови, или пак да платите гробар кој ќе ви го покаже патот за да не се изгубите.
На Trip Advisor ќе најдете и коментар од едно локално кинеско-филипинско семејство кои има изградено мини-резиденција во гробиштата:
„Нашето место има соба за преспивање, мала кујна и тоалет. Дури имаме и мало дворче. Навистина изгледа како куќа, но не е страшна, и покрај тоа што е гроб. Како деца одевме секој октомври и преспивавме таму. Тоа е многу интересно место за посета. Топло го препорачувам, особено за тие што сакаат подобро да ја разберат Кинеската култура“.
Звучи малку како оглас за смештај, нели?