Дали Шпанците намерно загубија од Бразил?

Селекцијата на Шпанија се најде во центарот на вниманието на кошаркарската јавност откако загуби од Бразил со 82:88, што беше втор пораз во низа за „Црвената фурија“ на ОИ во Лондон.

Сепак, она што е сомнително во овој дуел е фактот дека во шпанските медиуми на еден ден пред натпреварот се појавија низа анкети дали нивниот национален тим треба да загуби од Бразил, сè со цел да избегне дуел со американскиот дрим-тим сè до големото финале.

Во резултатите од тие анкети далеку поголем беше бројот на оние што посакуваа пораз на нивната земја, отколку триумф над Бразил и рана пресметка со САД.

Имено, доколку Шпанците славеа над „Кариоките“, тоа ќе значеше освојување на второто место во групата и дуел со САД веќе во полуфиналето. Вака, „Црвената фурија“ остана на третото место, но доколку слави во четвртфиналето со Франција, во полуфиналето би играла со подобриот од мечот Русија – Литванија.

Многумина стручњаци јавно го осудија ваквиот однос на шпанскиот кошаркарски национален тим, но Пау Гасол тврди дека Бразилците победиле на терен, а „Фуријата“ не го „пуштила“ натпреварот.

Прочитајте и:  КРИК го слави Денот на Шпанија

„Ние сме премногу голема репрезентација за да влеземе во натпревар со цел да го загубиме. Имаме освоено многу трофеи низ своите кариери, Шпанија ниту еднаш не калкулирала во последните десетина години колку што јас играм за репрезентацијата и гарантирам дека тоа не беше случај ниту сега. Знам дека ќе се појават многу луѓе што ќе го тврдат спротивното, но дуелот со Бразил беше одигран во спортски дух, а ние загубивме затоа што повторно ни се појави проблем во самата завршница. Поради тоа за малку ќе загубевме од Велика Британија, а токму поради тоа претрпевме пораз и од Русија. Таквите работи многу повеќе ме загрижуваат отколку шпекулациите за местење бидејќи ќе мора да ги отстраниме грешките пред четвртфиналниот дуел со Франција“ истакна Гасол.

Покрај дуелите Шпанија – Франција и Русија – Литванија, во преостанатите две четвртфинални средби од машкиот кошаркарски турнир ќе се сретнат Бразил – Аргентина и САД – Австралија.

- Реклама -