Разликата помеѓу психопат и социопат

maxresdefault[3]

Некако пречесто ги сметаме „психопат“ и „социопат“ за синоними, но иако имаат некои заеднички особини, меѓу двете растројства постои разлика. И психопатите, и социопатите можат да бидат ладни манипулатори без сочувство кон другите. И едните и другите се склони кон агресивно и криминално однесување. Сепак…

Првенствено, психопатијата е биолошко растројство во развојот, поврзано со одреден вид на однесување. Таа има биолошка основа, која се изразува преку видливи повреди во структурата на мозокот. Воспитувањето може да игра дополнителна улога, исто како и трауматските искуства во детството кои исто така можат да доведат до промени во мозокот во развој.

Кај повеќето луѓе, кога гледаат некој што страда, во мозокот се активираат одредени зони, поврзани со чувството на сочувство. Кај психопатите тоа не се случува. Наместо тоа, се активира друга област, позната како „вентрален стриатум“, која е поврзана со чувството на задоволство. Тоа се покажа и во едно истражување, кога затвореници мораа да гледаат сцени во кои се предизвикува голема болка врз луѓе.

Покрај ова, психопатите реагираат посилно на пријатните стимуланси. Мозокот на психопатите одделува четири пати повеќе допамин како последица на дрогите од типот на амфетамините.

Социопатите, од друга страна, имаат многу слични карактеристики, како на пример манипулативност и непочитување на чувствата на другите, но не затоа што немаат никакво чувство за емпатија како психопатите, туку затоа што моралниот компас им е растроен. Ова може да се должи на воспитувањето или на системот од верувања. Карактеристичен пример е масовниот убиец Андеш Брејвик од Норвешка, кој во напад уби 77 луѓе – не затоа што едноставно му се убива и не му е грижа за луѓето, туку заради неговите крајно десничарски убедувања, кои тој самиот ги опиша во манифестот кој јавно го  објави час и половина пред терористичкиот акт.

Научниците сé уште не се сигурни дали социопатите имаат некакви структурни промени во мозокот, кои ги водат до такви склоности, или сето тоа е резултат на воспитувањето и средината.

Накратко – психопатите не разликуваат добро и зло, и не чувствуваат страв, додека социопатите располагаат со такви чувства, само што нивното „добро“ е „лошо“ во книгата на мнозинството.

- Реклама -