Зошто Apple не му дава на FBI

160217_FT_apple-stand.jpg.CROP.promo-xlarge2[1]

Поради пукањето во Сан Бернардино, ФБИ побара од Apple да го „пробие“ мобилниот телефон на еден од напаѓачите. Според извршниот директор на компанијата – Тим Кук, се работи за нешто многу повеќе од тоа, а властите во случајов ги надминуваат своите овластувања.

Во отвореното писмо до своите клиенти, тој ја аргументира одлуката на компанијата да се спротивстави на наредбата, не затоа што ги поддржува терористите, туку затоа што тоа што FBI го бара е без преседан и би ја загрозило безбедноста на сите корисници на iPhone. Се разбира, најдобро ќе објасни лично Тим Кук:

Порака до нашите клиенти

Владата на САД побара од Apple да направи чекор кој е без преседан и претставува закана по безбедноста на нашите клиенти. Ние се спротивставуваме на оваа наредба, која има импликации далеку поголеми од самиот тековен легален случај.

Овој момент повикува јавна дискусија, и ние сакаме нашите клиенти и луѓето ширум земјата да разберат во што се состои ризикот.

Потребата од енкрипција

Смартфоните, предводени од iPhone, станаа есенцијален дел од нашите животи. Луѓето ги користат за да чуваат неверојатно големо количество на лични информации – од нашите приватни разговори до нашите фотографии, нашата музика, нашите белешки, нашите календари и контакти, нашите финансиски информации и здравствени податоци, дури и каде сме биле и каде одиме.

Сета таа информација треба да биде заштитена од хакери и криминалци кои сакаат да пристапат до неа, да ја украдат и да ја искористат без наше знаење или дозвола. Клиентите очекуваат Apple и другите технолошки компании да направат сé во нивна моќ да ја заштитат нивната лична информација, а во Apple ние сме длабоко посветени на обезбедување на нивната дата.

Компромитирањето на нашите лични информации може, на крајот, да ја изложи нашата лична безбеност на ризик. Токму затоа енкрипцијата стана толку важна за сите нас.

Веќе долги години користиме енкрипција за да ги заштитиме личните податоци на нашите клиенти, бидејќи сметаме дека тоа е единствениот начин да се сочува нивната информација безбедна. Дури и ја ставивме таа дата надвор од нашиот досег, бидејќи веруваме дека содржината на вашиот iPhone не е наша работа.

Случајот Сан Бернардино

Бевме шокирани и бесни од смртоносниот чин на тероризам во Сан Бернардино минатиот декември. Жалиме за загубата на животите и сакаме правда за сите оние чии животи беа засегнати. FBI побара наша помош во деновите што следеа по нападот, и ние работевме напорно за да ги поддржиме владините напори да го решат овој грозен криминал. Немаме симпатии за терористите.

Кога FBI побара информации до кои имавме пристап, ние им ги обезбедивме. Apple подлежи на валидни судски налози и налози за пребарување, како и во случајот Сан Бернардино. Исто така, овозможивме Apple инженери да бидат достапни за секаков потребен совет за FBI, и ги понудивме нашите најдобри идеи околу неколку истражителни опции кои ги имаа на располагање.

Имаме голема почит кон професионалците на FBI и веруваме дека нивните намери се добри. Сé до овој момент, направивме сé што беше во наша моќ и во рамките на законот за да им помогнеме. Но, сега владата на САД побара од нас нешто што едноставно го немаме и нешто што го сметаме за преопасно за да го направиме. Побараа од нас да направиме backdoor (заобиколен влез) за iPhone-от.

Поточно, FBI сака да направиме нова верзија на оперативниот систем на iPhone-от, заобиколувајќи неколку важни безбедносни мерки, и да го инсталираме на iPhone-от што беше запленет при истрагата. Во погрешни раце, овој софтвер – кој не постои денес – би го имал потенцијалот да го отклучи било кој iPhone во било чија физичка сопственост.

FBI можеби користи поинакви зборови за да ја опише оваа алатка, но не правете таква грешка: Правењето на верзија на iOS што ги заобиколува безбедносните мерки на ваков начин, без сомнение би создало backdoor. И додека владата може да тврди дека неговата примена ќе биде ограничена само на овој случај, не постои начин да се гарантира таква контрола.

Заканата по безбедноста на датата

Некои тврдат дека правењето на backdoor за само еден iPhone е лесно, едноставно решение. Но, ги игнорираат основите на дигиталната безбедност и значајноста на тоа што владата го бара во овој случај.

Во денешниот дигитален свет, „клучот“ до енкриптираниот систем е парче информација што ја отклучува датабазата, и е безбеден само колку што е безбедна заштитата околу него. Еднаш штом информацијата стане позната, или начинот да се заобиколи кодот е откриен, енкципцијата ќе може да биде поразена од секој што го поседува тоа знаење.

Владата аргументира дека оваа алатка ќе биде користена само еднаш, на еден телефон. Но, тоа едноставно не е вистина. Еднаш креирана, техниката може да биде користена одново и одново, на било колкав број на направи. Во физичкиот свет, би било еквивалент на „мастер клуч“, способен да отвори стотици милиони брави – од ресторани и банки до продавници и домови. Ниту еден разумен човек не би го сметал тоа за прифатливо.

Владата бара од Apple да ги хакнеме нашите сопствени корисници и да ги поткопаме децениските безбедносни напредоци што ги штитат нашите клиенти – вклучувајќи и десетици милиони американски граѓани – од софистицирани хакери и сајбер-криминалци. Истите инженери што создадоа силна енкрипција во iPhone-от за да ги заштитиме нашите корисници, сега, иронично, им е наредено да ги разнишаат тие заштити и да ги направат нашите корисници помалку безбедни.

Не можеме да најдеме друг преседан кога американска компанија била присилена да ги изложи нивните корисници на поголем ризик од напади. Со години, криптолозите и националните експерти по безбедност предупредуваа за ослабената енкрипција. Такво нешто би ги повредило само добронамерните и примерните граѓани кои се потпираат на компании како Apple да ја заштитуваат нивната информација. Криминалците и чинителите на злодела и понатаму ќе енкриптираат, користејќи ги алатките кои им се веќе достапни.

Опасен преседан

Наместо да бара легислативна акција преку Конгресот, FBI предлага нечуена употреба на актот  All Writs од 1789-та, за да ја оправда експанзијата на својот авторитет.

Владата ќе не натера да ги отстраниме безбедносните мерки и да додадеме нови можности на оперативниот систем, дозволувајќи лозинката да биде внесена електронски. Тоа ќе го направи полесно отклучувањето на iPhone-от преку „брут-форс“, пробувајќи илјадници милиони комбинации со брзина на модерен компјутер.

Импликациите од владините барања се страшни. Ако владата може да го користи All Writs Act за да направи да може полесно да го отклучи твојот iPhone, ќе ја има моќта да посегне во сечија направа и да ја зграби нивната информација. Владата може да го прошири овој пробив на приватноста и да побара Apple да создаде софтвер за следење што ќе ги пресретнува твоите пораки, ќе има пристап до твоите медицински податоци и финансиски информации, ќе ја следи твојата локација, па дури и ќе може да пристапи до твојот микрофон или камера, без твое знаење.

Противењето кон ова барање не е нешто што го земаме несериозно. Чувствуваме дека мораме да истапиме и да го кренеме гласот против она што го гледаме како претерување од страна на владата на САД.

Ги предизвикуваме барањата на FBI со најдлабока почит кон американската демократија и љубовта кон нашата земја. Веруваме дека ќе биде во најдобар интерес на сите да направиме чекор назад и да ги разгледаме импликациите.

И покрај тоа што веруваме дека намерите на FBI се добри, ќе биде погрешно ако владата нé присили да создадеме backdoor во нашите сопствени продукти. И на крајот, се плашиме дека ова барање ќе ги поткопа истите тие права и слободи за кои нашата влада е создадена за да ги штити.

Tим Кук, извршен директор на Apple

Најновото е дека и извршниот директор на Google – Сундар Пичај, се огласи по прашањето, застанувајќи на страната на Apple. И тој, како и Тим Кук, истакнува дека е неодговорно да се присилуваат компаниите да ги хакнуваат сопствените направи.

- Реклама -