Селиме луѓе, бараме вонземјани

1_2lyvxu9-8yoKCOmiM73C5A[1]

Кина го гради најголемиoт телескоп на светот, во обид да најде вонземски живот. Тоа се супер вести за светот и светската наука. За околу 10.000 луѓе што живеат на местото каде што треба да се гради проектот? Не баш.

Овој случај на присилната преселба е само еден од последните примери за драстичните мерки на кинеската влада. Уште од основањето на Народна република Кина во 1949, вкупно околу 45 милиона луѓе се избркани од домовите, од кои една-четвртина заради изградба на хидроцентрали.

Најславна е браната Three Gorges Dam, која чинеше 59 милијарди долари и се градеше цели 17 години. Релоцирани беа 1.4 милион луѓе – скоро една Македонија. Во поново време, владата исели уште една Македонија (1.5 милион луѓе) за потребите на Олимписките Игри во Пекинг, во 2008-та.

Многумина се жалат на неадекватна компензација, а две 70-годишни жени беа присилени на „реедукација преку работа“ (комунална работа) откако се обидоа да организираат протест.

1_oz1-i7tiWhYXm4BFE_vUJA[1]

Според Договорот за економски, социјални и културни права на Обединетите нации, кој Кина го има ратификувано – присилните иселувања се нелегални. Сеедно, кинеската влада продолжува да се правда дека овие иселувања настануваат за општото добро на сите, со што практично ги легализира.

Откако започна економскиот бум на земјата, во 1990-тите, темпото на иселувања неколкукратно се зголеми и предизвика лавина од бунт и незадоволство, во некои случаи и насилство, што ја прекри целата рурална територија на Кина. Проценката е дека во Кина има 180.000 протести годишно, од кои 68% се поврзани со насилно одземање на приватна земја од страна на владата.

Потрагата по интелигентен вонземски живот е еден од клучните човекови стремежи. Кина верува дека со новиот телескоп – 500 метри во дијаметар, што го прави дупло поголем од најголемиот радио телескоп на светот – ќе успее значајно да придонесе во потрагата.

Во меѓувреме, 10.000 Кинези добиваат по 1.800 долари за да се тргнат од патот. Историски гледано, немаат друг избор освен да ги прифатат.

„Ако владата рече дека мораш да се иселиш, се селиш“, вели Шуаи Линксјанг, 57-годишна жена која два пати беше насилно иселена во времето на проектот Three Gorges.

- Реклама -