Што значeло да се биде нинџа?

WhiteVectorNinjaBlkBack

Издвојуваме пет интересни факти за нинџите.

Поради таинственоста што ги окружувала со векови, (кинеските) нинџи или (јапонските) шиноби се опишани во прозата и театарот, а нивната улога и вештини се значајно претерани. Целата приказна ескалирала кога нинџите стигнале и на филмското платно, каде биле прикажани како супериорни невидливи војници кои без проблем се кријат под земја, трчаат по вода… и летаат.

Денес знаеме дека модерниот приказ за нинџите воглавно е заснован на драмската верзија. Едноставно, да се каже дека сите нинџи биле исклучително способни борци и атентатори би било подеднакво како да се каже дека денешните шпиони се способни како Џејмс Бонд.

За разлика од самураите, нинџите никој не ги сакал или почитувал (освен господарите и заповедниците). Нинџите извршувале задачи што никој друг не сакал да ги изврши. Убивањето на луѓе од заседа се сметало за нечесно во Јапонија и нинџите често се третирале како нужно зло.

Првиот нинџа 

Како и секоја древна вештина, и онаа која нинџите ја присвоиле е полна со митови и легенди. Сепак со внимателно следење на историјата, историчарите заклучиле дека оригиналниот извор на вештина и филозофија која нинџите подоцна ја усвоиле во Јапонија доаѓа од Индија во која се започнало уште пред 6.000 години. Филозофијата и вештините полека патувале од Индија до Кина, потоа до Кореја и најпосле во 6. век стигнале до Јапонија.

Според официјалната историја на Јапонија, првиот нинџа бил човек по име Отомоно Сахито, шпион кој работел за Принцот Шотоку (574-622), но овој термин прв пат станал и формален во 1.162 година кога се сретнале Даисуке Тогакуре, самурај кој го изгубил своето земјиште, а потоа се одрекол од самурајската титула и Каин Доши, кинески војник-свештеник.

Даисуке и Каин го обединиле своето знаење и искуство под едно име – Нинџуцу, што станало склоп на различни вештини кои вклучуваат боречки вештини, стратегија и тактика на герилско војување, шпионажа, собирање информации, снаоѓање и преживување во природа, криење и камуфлажа, избегнување на непријателите, инфилтрација, совладување на природни и вештачки препреки, борба со голи раце, различно оружје.

Нинџицуто наскоро станало чиста спротивност од Бушидото, кодекс на самураите. Додека самураите пред сè ги почитувале лојалноста и честа, нинџата го вреднувал само исполнувањето на мисијата – по секоја цена. Напади од заседа, отрови, саботажи, заведување и шпионирање биле срам за еден самурај, но за нинџите тоа било сосема нормален начин на живот.

ninja

Нинџите биле дел од големата шпионска мрежа 

Главна задача на еден нинџа не била да ги убива непријателите, туку да биде дел од мрежата – очи и уши на теренот, да шпионира, успешно да ги пренесе информациите до друг нинџа (се додека не дојдат до владетелот).

Нема никаков сомнеж во тоа дека нинџите биле и атентатори, меѓутоа, поголем дел од своето време минувале работејќи секојдневни работи, на фарма или во маркет, облечени како и секој друг човек во нивното опкружување.
Секогаш избегнувале физички конфликт кој би можел да ги издаде нивните вештини, а со самото тоа би им го открил нивното вистинко шпионско лице на непријателите.

Исто како и денешните тајни агенти, некои нинџи биле повеќе од способни да го убијат непријателот, но нивната примарна задача била да се инфилтрираат во околината и да собираат информации. Нинџите немале формално училиште за боречки вештини. Всушност, во историјата и не постојат докази дека сите нинџи поседувале боречки вештини, а оние кои поседувале, ги научиле од своите татковци и постари браќа.

Единствената формална обука била шугендо, мистично-духовна традиција која потекнува од пред-феудална Јапонија, во која перцепцијата на “будење” се добива низ разбирање на односот помеѓу човекот и природата. Но не сите кои практикувале шугендо биле нинџи, ниту пак сите нинџи поминале низ шугендо тренинг.

Нинџите не носеле црни униформи 

Во модерните филмови и стриповите, нинџите се прикажани во црни одела со маска на лицето низ која се гледаат само очите. Овој стил нема никаква врска со вистинските нинџи, а истиот доаѓа од кабуки театрот, еден традиционален вид на забава кој се појавил во раниот 17 век. Токму во овие театри настанале и бројни митови за нинџите кои се романтизирани низ забава, нешто како претерување на способностите на денешните тајни агенти низ ликот на Џејмс Бонд. Во текот на претставата нинџите (актерите) носеле црни униформи и маски затоа што така изгледале подраматично, а униформите едноставно биле позајмени од декораторот.

Во реалноста, во текот на денот, нинџата носел секојдневна облека како и сите околу него (како и секој разумен шпион), а за време на вечерните мисии облекувале темно сина облека. Црната боја би им ја прикажала силуетата, додека темно сината подобро се вклопувала со ноќното светло. За време на потенцијално опасни мисии, нинџите често под облеката носеле тип на оклоп кој се состоел од мали метални прстени врзани еден за друг. Се верува деја токму овој оклоп бил одговорен за легендата која вели дека нинџите биле демони и било невозможно да бидат убиени.

Една од познатите успешни тактики кои нинџите ги користеле била да се облечат како и непријателите на бојното поле, за да направат гужва во редовите или за полека да се издвојат и да ги нападнат непријателите од зад грб.

Но нинџите во темно сина униформа кои “се мотале” по улиците и крововите биле далеку од секојдневие. Нинџата во најголем дел од времето бил свештеник, обичен селанец, ковач, танчер, трговец…Нинџа можел да биде било кој.

100022-product-silo

Нинџите воглавно немале задача да убиваат, но кога имале… 

Како што напишавме погоре, примарната задача на нинџите била да собираат информации за непријателите, но од време на време, од нив се барало и да ги употребат практично другите вештини како што се атентатот од заседа, бруталното убиство и саботажата.

Во вакви ситуации, нинџата бил добро подготвен и опремен. Еден од главните алати било јаже прицврстено за кука, кое им овозможувало на нинџите да се качат на ѕид или кров. Тука исто биле и останатите справи за отворање на врата или прозор, како чекан, рачна кука, дупчалка…Ножевите и малите тестери (хамагари) исто биле користени за дупчење на дупки во ѕидовите, а преносните уреди за слушање (саото хикигане) се користеле за прислушување на разговори и детектирање на звуци.

Што се однесува до самото оружје, се користело сè – од мали ножеви до големи мечеви на чии што врвови често ставале комбинација од црвена пиперка и прашина за во моментот на извлекување на мечот да се онеспособи непријателот (прашина во очи) пред да му биде нанесен смртоносен удар.

Нинџите исто биле и меѓу првите снајперисти во светот – користеле достапни оружја, експлозив и прецизност кога било потребно некој да се убие од далечина. Биле многу вешти со отрови, но исто и со барут кој го користеле за создавање на димни завеси, или дури и за правење на бомби.

- Реклама -