Како да не бидеш морон со некој што страда од депресија

depre

Депресијата е водечка причина за инвалидност во светот. Во САД, дури 10% од возрасното население страда од депресија, 7 отсто од популацијата во европскиот регион има т.н. мајор-депресија (потешка форма на истата), а во Македонија секој втор што посетува матичен пројавува симптоми на депресивно или анксиозно растројство.

Тоа што депресијата е ментална болест, ја прави потешка за разбирање. Една од најголемите разлики е помеѓу имање депресија и имање чувство на депресивност.

Секој некогаш е тажен и лошо расположен, било да има добра причина, било да има банална причина или едноставно надвор е врнежливо. Како и да е, кога околностите ќе се променат, овие тажни чувства исчезнуваат. Клиничката депресија е поинаква. Таа е медицинско нарушување и нема да си замине само затоа што си го искарал депресивниот да не цимоли. Останува по барем две последователни седмици и сериозно ја попречува способноста за работа, за игра или за љубов. Има многу симптоми: лошо расположение, губење на интерес за нештата во кои уживаш, промена во апетитот, чувство на безвредност или прекумерна вина, прекратко или предолго спиење, лоша концентрација, немир (цупкање со нога, тропкање со прсти) или флегматичност, чувство на немање енергија или повторувачки мисли за самоубиство. Ако имаш барем 5 од овие симптоми, според психијатриските прирачници, се квалификуваш за дијагноза – депресија.

Но, не е сé во однесувањето. Депресијата има и физички манифестации во мозокот. Прво и основно, постојат промени што можат да се видат со голо око, на рентген снимка: помал преден дел на мозокот, како и помал волумен на хипокампусот. На микроскопско ниво, депресијата е асоцирана со неколку карактеристики: абнормален пренос или намалено ниво на одредени неуро-трансмитери, особено серотонин, допамин и норепинефрин; затапени циркадични циклуси или специфични промени во РЕМ и бавната фаза на сонот; како и хормонски абнормалности, особено висок кортизол и дерегулација на тироидните хормони.

Невронаучниците сé уште немаат комплетна претстава за тоа што ја предизвикува депресијата. Се чини дека има нешто поврзано со комплексната интеракција на гените и надворешната околина, но научниците немаат дијагностички алат што може да предвиди кога и каде ќе се јави оваа состојба.

Токму заради ова, тешко е да се процени дали некој човек страда од депресија. Однадвор може да изгледа среќен, но одвнатре да се чувствува уништен. Според податоците на американскиот Национален институт за ментално здравје, на просечен човек кој страда од ментално нарушување му се потребни во просек 10 години пред да побара помош.

***

Еве еден пример од перспектива на депресивен човек:

„Јас вака ја опишувам депресијата: Замисли, по некое време сфаќаш дека веќе не си способен да чувствуваш радост. Не мислам на она краткотрајно задоволство што го добиваш од имање секс или јадење сладолед, туку за она просто уживање што си го добивал од играњето игри, гледањето филмови или други нешта во кои си уживал. Тоа е како да ги правиш нештата што обично те прават среќен, но заради некоја си причина, делот од мозокот кој е одговорен за продуцирање на среќа – веќе не работи.

Како таква, јас би ја опишал депресијата не како тага, туку како отрпнатост. Седиш некаде, погледнуваш на часовникот и е 9 часот. Погледнуваш еден час подоцна и сфаќаш дека е 9 часот и 3 минути. Таков е животот со депресија. Колку полошо станува, толку потешко е да најдеш причина да станеш од кревет наутро. На крајот, само сакаш да си го распрснеш мозокот бидејќи си толку мизерен цело време. Но, тогаш луѓето те нарекуваат себичен заради таквата желба, бидејќи тие преферираат да го живееш твојот мизерен живот само за да не мораат тие да го живеат нивниот без тебе.

И најстрашното од целата работа е што депресијата некако те измамува да не сакаш да побараш помош, како овој бесперспективен поглед на светот да е некако ‘поавтентичен’ од оној на луѓето кои постојано се впуштаат во активности кои подразбираат пасење на мозокот, обидувајќи се да си го оттргнат фокусот од тоа колку е бесмислен животот. И така, зјапаш во нејзиното лице, ден по ден, додека не поминат 10-20 години, а ти не си постигнал ништо, додека твоите врсници се надвор и уживаат во животот“.

***

Добрата вест е што постојат ефикасни третмани. Лековите и терапијата се комбинација што ефективно ги потпомага мозочните хемикалии. За екстремните случаи постои и електро-конвулзивна терапија (контролиран „напад“ во мозокот), која исто така е многу ефикасна. Во меѓувреме се работи и на нови типови на терапија.

И сега најважното:
Ако познавате некој што страда од депресија, охрабрете ги, многу нежно и внимателно, да ги разгледаат и да размислат за наведените третмани. Можете и да се понудите да помогнете со одредени задачи, како да побарате адреси и телефонски броеви на терапевти во областа или да направите листа на прашања што треба да му се постават на докторот. За некој со депресија, овие први чекори можат да изгледаат како огромни предизвици.

Ако се чувствуваат виновни или засрамени, посочете дека депресијата е медицинска состојба, како астма, или дијабетес. Не е слабост и не е карактерна одлика. Лицето со депресија не треба да очекува дека може „да помине туку-така“, исто како што не може да очекува дека скршената рака сама ќе зарасне.

Ако и самите не сте биле депресивни, избегнувајте да ја споредувате туѓата депресија со моменти кога сте се чувстувале тажни. Споредбата со нормални, привремени моменти на тага можат да направат депресивниот да се чувствува виновен што воопшто се жали.

Дури и отворениот муабет за депресијата може да помогне. Истражувањата покажуваат дека доволно е да прашате за суицидалните мисли на другиот, и со тоа да го смалите ризикот дека тој ќе посегне по такво решение.

Отворениот разговор за менталните болести помага да се отстрани стигмата и им помага на болните да побараат помош. Колку повеќе пациенти бараат помош, толку повеќе научниците ќе научат за депресијата, а со тоа и ќе се подобрат третманите.

- Реклама -