Декларациите на производите се супер читанка за кога сакате ништо да не разберете. Производот е рекламиран како здрав, домашен и свеж, ама листата од непознати и необични имиња на состојки на налепницата баш и не може да ви го потврди тоа тврдење. Тоа не е случајност; најчесто се работи за обичен маркетингшки трик. Што значат тие ознаки? Безбедни ли се тие состојки по вашето здравје?
Во продолжение, мал попис од такви кои се одобрени за употреба, но всушност треба да ги избегнувате:
MSG
Познат како засилувач на вкусот, мононатриумовиот глутамат E621 е најзастапен во индустриските производи како инстант супите и месните преработки. Постојат индикации дека консумирањето на храна која содржи MSG може да предизвика симптоми од типот на мачнини и главоболки.
Е951 (Аспартам)
Вештачките засладувачи даваат интензивен вкус на слаткост, а немаат енергетска вредност. Денес се речиси сéприсутни на пазарот и се составен дел од многу прехранбени производи. Примената на вештачките засладувачи може да се покаже од корист кај луѓето кои се на редукциски диети или кај оние кои боледуваат од дијабетес. Од друга страна, дел од вештачките засладувачи, како аспартамот (Е951), се предмет на бројни истражувања заради потенцијално големиот негативен ефект по здравјето на консументите.
Транс-масни киселини
Овие киселини настануваат со делумна хидрогенација на растителните масла. Производите на чии декларации делумно-хидрогенираните масла се наоѓаат на некое од првите три места на листата на сите состојки, обично содржат поголеми количини од истите. Негативниот ефект на транс-масните киселини се манифестира преку зголемување на нивото на лошиот LDL холестерол, што пак го зголемува ризикот од срцеви болести.
Нитрати и нитрити
Всушност зборуваме за конзервансите кои најчесто се користат за производство на сувомесни производи, посолени риби и сирења. Нитратите и нитритите можат да предизвикаат пречки во транспортот на кислород во крвта. Избегнувајте ги производите што ги содржат и чувајте ги подалеку од деца.
Е102 и Е123
Вештачките бои, како тартразинот (Е102) и амарантот (Е123) имаат лоша репутација, а во одредени земји се дури и забранети. Секогаш предност давајте им на производите кои содржат природна боја, како на пример екстракт од пиперка (Е160c) и куркума (E100).