„Американците се робовладетели, народ кој постојано уништува некој друг“.
Соединетите Американски Држави, тоа е народ кој постојано уништува некој друг народ, изјави во средата во Москва францускиот актер Жерар Депардије и додаде дека „повеќе сака да биде Русин“.
„САД? Тоа е народ кој постојано уништува друг народ. Меѓусебно војуваа, уништуваа Индијанци, потоа спроведоа робовладетелство, а потоа дојдоа војните“, изјави славниот актер.
Тој даде интервју за новинарите во Москва, кое денеска го пренесе “Frans inter”.
„Први фрлија атомска бомба. Каде и да стапнат, прават срање. Не, повеќе сакам да бидам Русин“, додаде Депардије кому пред две години рускиот претседател Владимир Путин му издаде руско државјанство.
„ Кога Европјаните би престанале да ги слушаат Американците, би биле среќни, ете!“, засклучи 66 годишниот актер пред да се појави на сцената на московскиот театар каде со француската колешка Фани Ардан играше во претставата „La Musica deuxieme”.
„Споменикот“ на француската кинематографија Депардије беше во центарот на медиумското внимание кога обелодени дека ќе го врати францускиот пасош во знак на протест против екстра даноците на најбогатите Французи кои го воведе социјалистичката влада.
Од тогаш редовно привлекува внимание со своите провокативни изданија и проруски ставови.