На многумина им е познато чувството на будење после долг сон на хотелски кревет, лежењето на меката хотелска постелнина и помислата: “Зошто е толку добро?”
Прашањето изгледа глупаво, но нели би требало да е подеднакво пријатно и на нашето сопствено легло, со нашите сопствени постелнини и ќебиња што самите сме си ги избрале?
Ова необично прашање одлучуваат да го проучат уредниците од Huffington Post, кои по консултации со тимот на изданието за најомилените хотелски соби, дошле до заклучок дека сите препорачани сместувања имаат еден заеднички детал: креветите им се бели.
Ние посветуваме толку многу време во потрага по шарени ќебиња и чаршафи со принтови во спалните соби дома, што воопшто не помислуваме на психологијата на боите и несвесно го потценуваме фактот дека белата боја поттикнува чувство на чистота и мекост, што впрочем е главен елемент во рекламите за детергенти, каде постелнината е речиси секогаш бела.
Еден од потпретседателите за дизајн на најдобрите хотели во светот вели дека идејата за белиот кревет е од исклучителна важност.
„Постои нешто што во белиот кревет влева чувство на луксуз и поттикнува добар сон. Луѓето мислат дека собата била реновирана, дури и тогаш кога е заменета само постелнината “- објаснува тој.
Иако не се познати научни истражувања кои докажуваат дека спиеме подобро во убавите хотели, искуството покажува дека магијата на белата боја постои и прави да се разбудиме свежи.