Научници од Холандија скенирале статуа на Буда и во неа пронашле мумифицирани остатоци од монах, кој се смета дека живеел во 11 или 12 век.
Ерик Бруин, стручњак за будизам, водел истражување со кое е утврдено дека мумијата му припаѓа на будистичкиот мајстор Лиу Чуан кој живеел во 11 или 12 век.
Скенирањето и ендоскопијата биле извршени во медицинскиот центар Менадер во Холандија, под надзор на стручњаци од музејот Дрентс.
Меѓутоа не е објавено врз основа на што е откриен идентитетот на монахот. Научниците пред скенирањето сметале дека во статуата се наоѓа мумија, но сега откриле дека неговите органи биле отстранети од телото.
Свитоци од хартија со текст на кинески јазик се пронајдени во шуплините каде што некогаш се наоѓале органите. Научниците сметаат дека се работи за посебен вид на жртва – самомумификација.
За време на самомумификацијата, монахот првите 1.000 дена подлегнал на посебна диета која се состои само од семиња и јаткасти плодови и имал зајакната физичка активност за да се ослободи од маснотиите од телото.
Следните 1.000 дена јадел само кора од дрво и корења и пиел отровен чај од дрво Уруши кој предизвикува повраќање и дехидратација и ги убива сите организми кои може да предизвикаат распаѓање на телото под смртта.
На крај, по шест години мачни подготовки, монахот би се заклучил во камена гробница и целосно би мирувал во поза на лотос.