Тврдокорниот Ларс Јорун Лангојген покажа дека под неговата сурова скандинавска надворешност се крие срце од злато. Ларс бил на идеја да поплива во смрзнатото езеро близу Осло (причината никој не ја знае, можеби зашто е Норвежанец?), кога здогледал една патка како се дави заробена под мразот. На право место, во право време…
Веќе полугол, облечен само во пливачки шорц, Ларс скокнал без многу двоумење, пробивајќи го мразот и спасувјќи го животот на пердувестиот несреќник.
Најпрво, Ларс и неговиот пријател мислеле дека патката знае што прави и дека ќе го најде излезот од ледениот затвор. „Наскоро сфативме дека е заробена и дека заборавила каде е дупката низ која влегла, и дека се дави. Патките се многу добри кога се работи за задржување на здивот под вода, но беше јасно дека времето истекува и дека се ближи крајот“.
До моментот додека да биде спасена, срцето на патката престанало да чука, па Ларс извел вештачко дишење уста-на-клун. За чудо, трикот успеал. Како што објаснува тој, кога ја извадил патката на копно таа не мрдала. Но по маневрот со вештачко дишење, таа се повратила во живот, а по малку тетеравење дошла при себе.
Помалку комичното, но храбро спасување е снимено од неговиот пријател, кој дошол со намера да го фотографира додека плива. Благодарение на него, светот ќе знае дека уште постојат херои како Ларс и дека уште има надеж за човештвото.