Oва е најголемиот сон на супербогатите: сопствен грчки остров, искапен во сонце и опкружен со тиркизни води.
Традиционално, овие острови ретко се прогласуваат за продажба и се препишуваат на едно исто семејство од генерација на генерација. Но, пазарот на приватни грчки острови е во подем, појачан со зголемениот интерес од страна на странските инвеститори, падот на цените и промените во грчките даночни закони.
Околу 20 приватни грчки острови во моментов се во продажба, јавуваWall Street Journal. Грчкиот бродски магнат Аристотел Оназис и Жаклин Кенеди го купија островот Скорпиос во 1969 година. Тие се венчаа таму претходната година. Денес тој е во сопственост на Екатерина Риболовлева – 25-годишната ќерка на рускиот милијардер Дмитри Риболовлев. На почетокот на минатата година таа го купи островот од внуката на грчкиот бродски магнат за 158 милиони американски долари.
Сосед на Риболовлева, неколку острови на југ на островчето Осика, е веќе поранешниот емир на Катар шеикот Хамад бин Калифа ал Тани. Минатата година тој купил ненаселени острови во Јонското Море, недалеку од западниот брег на Грција, за 6,9 милиони долари.
Цените на грчките острови почнуваат од неколку милиони до 100 милиони евра, во зависност од удобностите како проточна вода и електрична енергија. И покрај импресивните броеви, имотните експерти велат дека цените се пониски за најмалку 30% од оние кои беа понудени пред кризата.
Повеќето од 20-те острови на пазарот се целосно неразвиени; некои од нив се пошумени области, а други се главно карпи.
Островот Нисос во Јонското Море е со цена од околу 6,8 милиони долари и може да собере шест куќи до 130 квадратни метри за секоја од нив. Во близина се наоѓа Омфори, кој чини 62 милиони долари. На него има една мала зграда со дозвола да се гради уште.
Грција има околу 6000 острови и островчиња. Повеќето од нив не се погодни за развој, а до голем дел ид нив пристапот е тежок. Од друга страна, бирократијата е страшна: за да се купи остров, се потребни до 32 бирократски чекори, вклучувајќи проверка на тоа дали потенцијалниот купувач не претставува закана за националната безбедност на земјата. Друга одбивна подробност за купувачите е дека во Грција сите плажи се јавни. Тоа значи дека без разлика колку оддалечен е островот или колку висока цена сте платиле, секој може да се појави со јахта крај него за да се наслади на природата.