Зошто не е добро да сте пријател со вашиот доктор?

Дали вашиот доктор ве прегрнува и бакнува кога ќе пристигнете? Ако одговорот е „Да“, вашиот живот може да е во опасност. Најдобро за вас ќе биде да побарате друг доктор со кој помалку се познавате.

Барем тоа е заклучокот што може да се извлече од научната студија со наслов „Избледување на границите на доктор-пациент односот“, во која се наведува дека 59% од онколозите (специјалисти за канцер) имаат потешкотии да бидат искрени околу прогнозите (вклучувајќи го и преостанатото време на живот) во случаите во кои особено им се допаѓа или добро се познаваат со одреден пациент.

Докторите што си допуштаат да оформат пријателска врска со пациентите лошо се снаоѓаат кога треба да ја соопштат вистината при справувањето со тешки случаи (како канцерот), а што е уште поважно, тешко им е да носат објективни одлуки во врска со лекувањето и третманот.

doctor-patient

Докторите често формираат блискост со пациентите – две третини од нив ги викаат пациентите по име и две третини им допуштаат на пациентите да ги прегрнат или бакнат кога се поздравуваат. Но, таквите блискости, според студијата, му отежнуваат на медицинскиот персонал да донесува важни одлуки и со тоа да го овозможи најдобриот третман во конкретниот случај.

Околу 60% од онколозите признаваат дека таквиот однос знае да им направи проблеми при објективната анализа на ситуацијата, а тоа значи дека постојат зголемени шанси да му препишат погрешен третман на пациентот. Во најлошите случаи, ова може да води кон физичка штета, па и смрт на пациентот.

Лесли Фалоуфилд, главен истражувач од Медицинската Школа на Брајтон и Сусекс, смета дека резултатите покажуваат загрижувачки тренд и дека медицинските совети треба да обезбедат подобро советување за студентите и докторите, кое јасно ќе ги одреди професионалните граници во односот на докторите и пациентите.

- Реклама -