Ричард Брансон, претседателот и основач на „Virgin group“, соопшти во вторникот на неговата веб-страница дека на неговите вработени им одобрува неограничен годишен одмор.
Тој има преку 200 вработени, кои можат да земат одмор кога и колку ќе посакаат, и нема потреба да прашуваат за дозвола, ниту пак нивните шефови мораат да водат евиденција за тоа колку долго биле отсутни.
Ваквата замисла на Брансон била мотивирана од претпоставката дека „луѓето од неговиот тим во никој случај не би ги оставиле незавршени работните обврски или на било каков начин не би ја загрозиле работата на компанијата“, објаснил тој.
Работното време на вработените е флексибилно. Бидејќи работат и од канцеларија и од дома, тешко е да се утврди колку точно часови тие работат, објаснува тој на неговата страница.
Брансон вели дека новите правила ги вовел по примерот на сервисот за видео-стриминг „Netflix“, и дека доколку тие се покажат како продуктивни ќе им ги препорача и на останатите филијали на оваа компанија кои се наоѓаат ширум САД и Велика Британија.