Марк Твен и Халеевата комета, потонувањето на Титан и Титаник, мистериозниот монах… Животот знае како да приреди шоу.
1. Близнаците што загинале на истото место, само 2 часа еден по друг
Во 2002-та, двајца 70-годишни близнаци загинале во северна Финска, во две различни несреќи, на истиот пат, на само 2 часа временска раздалеченост. Првиот близнак загинал откако налетал на товарен камион, додека возел велосипед на Автопатот 8. Во моментот владеела снежна вејавица, па тој не го забележал камионот. Вториот близнак загинал на 1.5 километар од местото каде што загинал неговиот брат, но сепак, на истиот Автопат 8. Исто така возел велосипед, и загинал откако налетал на камион, со таа разлика што вториот настан се случил 2 часа подоцна. Во моментот на неговата смрт, полицијата сеуште се обидувала да ја идентификува првата жртва.
„Ова едноставно е бизарна коинциденција. Автопатот навистина е прометен, но несреќи овде не се случуваат често. Се чини дека има замешано прсти некој од горе“, изјавила полициската службеничка.
2. Три обиди за самоубиство, три пати ист спасител
Јосеф Ајнер бил прилично познат портретист во Австрија во 19-от век. Но, исто така важел и за многу несреќен човек.
Прв пат се обидел да се самоубие на 18-годишна возраст, со бесење. Бил прекинат од мистериозното појавување на Капучински монах. На 22-годишна возраст, повторно се обидел да се обеси, и повторно бил спасен од истиот монах. Осум години подоцна, бил осуден на бесилка заради неговите политички активности. Бил поштеден откако интервенирал истиот мистериозен монах. На 68-годишна возраст, Ајнер конечно успеал во намерите – си го одземал животот, овојпат со пиштол. Погодете кој бил организатор на погребот…
3. Не за кого е печено, туку за кого е речено
Во 1858-та, Роберт Фалон бил застрелан и убиен, како акт на одмазда од страна на оние со кои играл покер. Според нивните тврдења, тој ќарил 600 долари со мамење. Откако неговото место останало празно, а секој од играчите одбил да ги земе 600-те долари, тие нашле нов играч што ќе го замени на масата и ќе игра со неговите освоени пари. Додека полицијата да стигне и да го испита убиството, новиот играч успеал да ги претвори 600-те долари во добивка од 2.200 долари. По истрагата, полицијата побарала 600-те долари да му бидат „вратени“ на најстариот наследник на убиениот, само за да открие дека всушност новиот играч бил токму тоа – синот на Роберт. Таткото и синот се немале видено цели 7 години.
4. Марк Твен и Халеевата комета
Марк Твен бил роден во 1835-тата, токму на денот кога Халеевата комета минувала покрај Земјата. Починал точно 75 години подоцна, во 1910-тата, токму на денот кога кометата повторно минувала крај Земјата. Најчудно е тоа што самиот тој ја предвидел неверојатната случајност. Една година порано, во 1909-тата, тој рекол: „Дојдов со Халеевата комета во 1835-тата. Доаѓа пак следната година, и очекувам да си заминам со неа“.
5. Тонењето на Титаник било опишано во претходно напишана книга
Морган Робертсон, во 1898-та, ја напишал „Пропаста на Титанот“. Во неа зборува за првото патување на непотопливиот луксузен крстосувач наречен „Титан“, што удира во санта мраз и потонува со голем број на изгубени животи. Во 1912-тата, непотопливиот Титаник удира во санта мраз на неговото прво патување, со голем број жртви. Настрана морбидната сличност во имињата на бродовите, во книгата настаните се случуваат во април, токму месецот кога потонал и Титаник. Во книгата се наведуваат 3.000 патници, на Титаник имало 2.207. Во книгата имало 24 чамци за спасување, а во реалноста – 20.
Неколку месеци по потонувањето на Титаник, на истата рута по магливиот Атлантик патувал парен брод наречен „Титаниан“, а на стража на палубата било едно младо момче. Одеднаш, му текнало на околностите во кои потонал Титаник, а кога ја увидело сличноста на имињата со бродот на кој се наоѓал, во паника го огласило алармот. Екипажот го запрел бродот токму навреме – огромна санта мраз се покажала во маглата пред нив. Титаниан бил спасен.