Убавината на автентичните критски градови

Крит изобилува со живописни селца и туристички населби, но вистинската убавина и автентичност на животот на овој остров може да се види во шестте големи градови.

Хераклион

Во Хераклион ќе најдете траги од многу култури и цивилизации коишто тука го оставиле својот печат. Приказната започнува со арапските бегалци кои во 9. век го преместиле главниот град на Крит од Ханија во новиот замок наречен „Замок со шанец“. Арапското име потоа било еленизирано и латинизирано во Кандија, име што подоцна го прифатиле и следните владетели на Крит, Венецијанците, Османлиите, Британците и Французите. Античкото име Хераклион му било дадено на градот во 19. век, а потекнува од древниот римски пристанишен град Хераклиум (градот на Херкул), чијашто локација сѐ уште не е позната.

Денес Хераклион претставува главен град и административен центар на Крит. Таму се постојано населени преку 170.000 жители. Градот има модерна инфраструктура, но и фантастични културни обележја кои дефинитивно вреди да се посетат. Помеѓу другото, недалеку од Хераклион се наоѓаат ископините на Кносос, најстариот град во Европа, дел од Минојската цивилизација.

Ханија

Ханија, поранешниот главен град на островот, а сегашен главен град на истоимената област или „центарот на Западен Крит“ се наоѓа на 145 километри западно од Хераклион, односно 70 километри западно од Ретимно. Овој град, којшто слично како и Хераклион изобилува со културни обележја од повеќе епохи, денес брои преку 50.000 постојани жители и претставува место без кое посетата на прекрасниот остров би била непотполна.

Овој прекрасен град е постојано населен уште од неолитската ера, а археолошките наоѓалишта се раштркани насекаде низ градот, особено во јадрото на стариот дел. Многумина го нарекуваат најживописниот град на Крит, главно поради неверојатно убавите шеталишта и пристаништа, кои на моменти потсетуваат на убавините на Венеција.

Ретимно

Третиот најголем град на Крит (40.000 жители) исто така се наоѓа на северниот брег, помеѓу Хераклион и Ханија. Уште од минојската ера бил независен утврден град, кој бил доволно моќен да кова сопствени монети за меѓународна трговија. Една од овие монети денес е претставена на грбот на градот како два делфини затворени во круг.

Низ вековите, повеќе култури оставиле свој печат во Ретимно, како и во поголемиот дел од Крит, што денес може да се види според градбите во овој град. Тоа е и главната причина зошто Ретимно е една од најпосетуваните дестинации на најголемиот грчки остров.

Иерапетра

Иерапетра (со значење „свет камен“) е релативно помал град, со нешто над 23.000 жители, кој се наоѓа на југоисточниот брег на Крит. Градот го носи прекарот „Невеста на Либијското Море“, бидејќи е единствен град на јужната страна од островот.

Иерапетра претставува важен регионален центар во источен Крит, со свои специфични културни обележја. Како и другите градови на островот, така и овој имал бурна историја, а денес се состои од два доста различни делови – стариот дел кој во целост ја чува својата автентичност и новиот, кој активно се развива и претставува вистински модерен градски центар.

Агиос Николаос

Агиос Николаос е живописно приморско гратче на источната страна од северниот брег на Крит. Се наоѓа на исток од Хераклион, на запад од Ситија и на север од Иерапетра. Во него постојано се населени едвај 20.000 жители.

Агиос Николаос во еден дел е подигнат врз остатоците од древниот Град Камара, којшто датира уште од бронзената ера. Денес, овој град е регионален центар на областа Ласити, околу кој гравитираат дваесетина села и туристички населби.

Ситија

Пристанишниот град Ситија, којшто е и најисточниот град на Крит, е дом на нешто преку 10.000 луѓе. Од таму почнува модерниот автопат којшто го следи северниот брег на Крит сѐ до западната страна на островот. Иако Ситија крие бројни културни и археолошки обележја и има прекрасна плажа во својата близина, многу мал број туристи го посетуваат, главно поради големата оддалеченост од поважните точки на Крит.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.

 

- Реклама -