Самуел Ето упати критики на адреса на Жозе Мурињо за коментарите на Португалецот од пред неколку месеци кога под знак прашалник беше ставена возраста на играчот.
Во февруари, зборувајќи со група спонзори, ’Специјалниот’ се пожали дека не е задоволен од напаѓачите кои ги има на располагање, и иронично го нападна Самул Ето, ставајќи сомнеж за вистинската бројка на неговите години.
„Самуел Ето има 32 години, или можеби 35, не знам…” – рекол Португалецот без да биде свесен дека камерите на ТВ каналот Canal+ го снимаат разговорот.
Иако напаѓачот со смеење ги прифати ваквите коментари и со комичната гестикулација на стар човек го прослави погодокот против Тотенхем, сега станува јасно дека Камерунецот сепак му замерил на Жозе Мурињо.
Запрашан како се чувствува во пресрет на Светското Првенство во Бразил, кое може да му биде последно, Ето за медиумите од Африка одговорил: „Ви благодарам што ме информиравте дека ова ќе биде моето последно Светско Првенство”.
„Денеска, имам 33 години. И поради тоа што еден идиот ме нарече стар човек, не значи дека вие мора да верувате во тоа”.
„И можеби приметивте дека стариот човек беше подобар од младите играчи”.
„Некои веруваат дека ќе се пензионирам во САД или Средниот Исток, но повторно ми се врати радоста од настапот во Лигата на Шампионите, и ќе продолжам да играм во Лигата на Шампионите”.
„Каде? Нема да ви кажам”.
„Но ќе продолжам да играм бидејќи и физички и психички се чувствувам одлично”.
„Па ќе настапам на ова Светско Првенство и на следното кога ќе имам 37 години”.
„Некои имаат играно на 42 години, па можам да настапам на уште две Светски Првенства”.
Самуел Ето е обрзан кон Челзи до 30. јуни, Мурињо пред неколку дена сугерираше дека ’Сините’ нема да му понудат нов договор, па за очекување е тој да замине од Стемфорд Бриџ ова лето.
Текстот е објавен во соработка со 24fudbal.com.mk