Супер-бабичка: Носи куќа и неколку животи на плеќите

Секојдневно стоиме нервозно на станицата и колнеме по автобусот што доцни, плашејќи се дека ќе задоцниме на работа или училиште. Погледнуваме на часовникот уште еднаш, и уште еднаш, чувствувајќи го стресот што се наталожува во нас. И во сите тие мигови, ни на крај памет не ни е дека ние сме оние среќните – низ светот, додека ние се бориме за празно столче во автобусот, милиони деца мораат да поминат дури и километри пеш, за да стигнат во училиште.

14-годишната Фанг Меи Куи, од Јибин Сити, Кина, е едно од тие деца. Згора на тоа, хендикепирана е. Родена е со абнормалности на колената, што и причинуваат неподнослива болка дури и ако само за момент застане на нозе. Не може да се движи сама и потребна и е помош за секој чекор што треба да го направи.

Сепак, ова е приказна за нејзината 66-годишна баба. Секојдневно, таа на грб ја носи својата внука до училиштето, оддалечено дури 2 километри. Патот трае час и половина, со 5 паузи за одмор. За да стигнат на време, во 8.30, бабата станува во 5 наутро, ги прави неопходните подготовки, а во 7.00, двете го започнуваат исцрпувачкото патување.

mei2

Инаку, таткото на Меи ја напуштил кога имала 2 години, а мајка и се премажила. Девојчето било оставено на грижата на своите баба и дедо, кој е болен, стар и речиси неподвижен. Во превод, сите животи во таа куќа се на плеќите на 66-годишната супер-бабичка.

Состојбата е ваква веќе 5 години – тоа значи дека бабата има поминато околу 4.000 километри со товар од повеќе од 40 кг. на грбот, колку што отприлика тежи девојчето заедно со училишната торба. А ако случајно се запрашавте, тие никогаш немаат задоцнето на првиот час, ниту секунда!

mei1

Колку и да сме восхитени од цврстината на нејзината волја и  љубовта во нејзиното срце,  реалноста ни мафта во лице. Бабата е загрижена за тоа како Меи ќе се снајде кога тие, старите, ќе починат. Вели дека постојано има еден ист кошмар – како по патот кон училиштето, внуката и се слизнува во провалија, а таа не може да и ја фати раката и да и помогне.

Од друга страна, Меи знае товарот е голем, па пробува да помогне на секој можен начин, користејќи патерици за рацете на кои се потпира додека ја носат, но и прочекорува сама, за да може нејзината баба малку да одмори. Исто така знае дека мора да биде вредна во однос на училиштето и да не ги прокоцка нејзините напори. Нејзиниот сон, пак, е да го нацрта патот што води кон училиштето, кој на листот ќе завршува во дворот на голема и нова куќа, во која таа и нејзините баба и дедо се здрави и среќни. Планира цртежот да и го подари на својата супер-бабичка, за да и заблагодари за се што направила за неа.

- Реклама -