Се повеќе венчавки се прават на локации надвор од „Матично“

Најинтересни места каде идните брачни двојки го кажале нивното „да“, како што вели во интервјуто за МИА директорот на Управата за водење на матични книги  Ашим Зеќироски, се Порта Македонија, Плоштадот во Скопје, Градскиот парк, Скопското Кале, на брод среде  Охридското езеро, на Милениумскиот крст на Водно, во Ботаничката градина во Скопје, во Музејот на националната борба на македонскиот народ, по значајните манастири и цркви ширум Македонија, како и во зимските туристички центри.

– Изборот на секоја странка е уникатен, а Управата за водење на матичните книги ги почитува желбите на граѓаните на Република Македонија и бракот надвор од службените простории се склучува онаму каде ќе посакаат, вели Зеќироски.

Согласно измените на Законот за семејство од 2011 година бракот помеѓу мажот и жената може да се склучи и на локации кои тие ги сметаат за најповолни како почеток на нивниот заеднички живот.

Зеќироски појасни дека брачните двојки до Управата за водење на матичните книги поднесуваат барање во кое истакнуваат на кој датум, во колку часот и каде сакаат да го склучат бракот. Управата е должна да ги упати странките во матичното подрачје чиј матичар во избраниот момент е слободен да го склучи бракот. Пред матичарот странките го прават записникот за брак, поднесуваат изводи од матичните книги на родени и документ за индентификација, лична карта или пасош.

Управата за водење на матичните книги има изготвено и донесено Правилник за начинот и висината на надоместокот за склучување  на брак надвор од службените простории.

Според Правилникот, надоместокот за склучување на брак надвор од службените простории од понеделник до петок и првата работна сабота, по 16:30 часот, до 10 километри од матичното подрачје изнесува 3.300 денари. Во саботите и неделите, како и за време на државните празници или други неработни денови, под истите услови, сумата на надоместокот е 6.600 денари.

– Склучувањето на брак надвор од службените простории, доколку некоја од странките има здравствени проблеми и не е во можност да дојде да склучи брак во салите на матичните подрачја или се наоѓа на издржување на затворска казна или притвор, брачните двојки не плаќаат надомест за склучувањето на брак надвор од службените простории, додаде Зеќироски.

Согласно коментарите кои пристигнуваат до Управата за водење на матичните книги граѓаните, како што вели Зеќироски, се многу задоволни од оваа можност, ја поздравуваат и во се поголем број ја користат.

- Реклама -