Приватен авион со девет лица се урна во Флорида и експлодира во пламен

Засега не е познато дали има загинати или повредени меѓу патниците и екипажот на авионот „лирџет 60“, ниту меѓу луѓето на тлото во населбата во округот Палм Бич.

1
Илустрација: Приватен авион со девет лица се урна во Флорида и експлодира во пламен
Илустрација

Според американската Федерална управа за воздухопловство (ФАА), авионот полетал од меѓународниот аеродром Остин-Бергстром во Тексас и бил на пат кон Бахамите. Властите засега не соопштија што го предизвикало падот, ниту кои лица биле во авионот.

Џим Рејнолдс, портпарол на аеродромот Остин-Бергстром, изјави дека станува збор за приватен авион. Тој не можеше веднаш да даде дополнителни информации за лицата што патувале со него.

„Ова дефинитивно е трагедија“, рече тој.

На видеоснимки направени од луѓе во автомобили е забележан застрашувачкиот момент кога авионот нагло паѓа од небото, удира во близина на патот и експлодира. Пламенот се издигнувал меѓу парчињата искршен асфалт околу кратерот, додека присутните, во шок, коментирале дека авионот паднал на само неколку метри од куќите и на неколку сантиметри од возилата што минувале по патот. Густ црн чад го прекрил местото на несреќата.

Засега не е јасно дали при падот биле оштетени куќи.

Канцеларијата на шерифот на округот Палм Бич го затвори сообраќајот во двата правци и ги повика возачите да ја избегнуваат областа. На местото веднаш пристигнаа пожарникари и други служби за итна помош.

Жена што работи во близина изјави дека по несреќата во областа околу два часа немало струја.

Околностите под кои се урнал авионот сè уште се истражуваат.

Извор: МКД.мк