Во организација на SWT Алумни од Македонија во сабота (25.01) ќе се одржи промотивната конференција за пуштање во употреба на првата crowd-funding платформа во Македонија. Платформата која го носи името Let’s fund it има за цел да постави нова димензија на претприемништвото во Македонија и да ја поттикне јавноста да вложува во иновативни проекти поставени на платформата.
“Со самото тоа што претставува нов, иновативен проект на овие простори, сметаме дека оваа платформа ќе им помогне на сите засегнати страни односно креаторите на иновативни идеи и сите нивни поддржувачи т.е вложувачи. Мотивацијата на вложувачите е многу поголема кога ќе видат проект кој директно ги засега нив и нивното окружување. Локалниот crowd-funding е поуспешен бидејќи ги обеднува луѓето да си помогнат едни на други особено за мали средини како Македонија”, вели Марко Георгиевски, од SWT Алумни.
Let’sfundit.mk ќе дозволи објавување на проекти од следниве категории: Уметност, Стрипови, Земјоделство, Професионално танцување, Дизајн, Мода, Цивилно општество, Филм и видео, Храна, Игри, Музика, Издавачка дејност, Технологија, Tеатар, Start Up, Фотографиј .
Сите млади кои имаат интересни идеи со поставување на својот проект на платформата ќе имаат можност да обезбедат средства со кои ќе добијат шанса да го развијат својот бизнис.
Дополнително следејќи го примерот на светските crowd-funding платформи, поддржувачите на проектите ќе добиваат награди во зависност од висината на средствата кои ќе ги вложат во проектот.
На конференцијата која ќе започне во 13 часот во Cineplexx Скопје, свое обраќање ќе имаат: Антони Пешев потпретседател на Стопанската комора на Македонија, Мендерес Кучи претседател на Стопанска комора на Македонија и Робин Лернер помошник заменик државен секретар за едукација и култура при Стејт Департмент-от во Вашингтон.
SWT Алумни истиот ден ќе го прослави и својот прв роденден од основањето во Македонија.
Основна цел на SWT Алумни е создавање на интерактивни и развојни кариерни програми и иницијативи кои ќе им овозможат на младите целосно да ги развијат своите вештини и знаења, за да можат полесно да ги имплементираат своите иновативни идеи на македонскиот пазар.