Google ја купи научната лабораторија Boston Dynamics, која стои зад најимпресивните роботи на денешницата. Што точно доби компанијата со зделката? Со еден збор – многу; армија од роботи што можат да одат, да трчаат и да се искачат на секаков терен. Да го запознаеме тимот:
ATLAS
Boston Dynamics го состави овој 1.8-метарски висок робот за потрага и спасување, за да се натпреварува на Robotics Challenge, организиран од DARPA (американска Агенција за одбрана и напредни истражувања). 150-килограми тешкиот Atlas може да оди по нерамен терен, да избегнува пречки, да трча на лента за трчање и да стои на една нога дури и при надворешни влијанија што се стремат да му го нарушат балансот.
Со ласерски сензори, стерео-камери за визија и навигација, хидраулични алуминиумски и титаниумски зглобови и речиси човечки-артикулирани раце, Atlas се смета за хуманоиден херој што може да се движи низ опасни терени и да изведува важни и ризични задачи. Во 2014, шест тима ќе се натпреваруваат со тоа што ќе програмираат Atlas роботи, во натпревар на потрага и спасување, инспириран од нуклеарната катастрофа во Фукушима.
Cheetah
Овој робот е асот во брзина од редовите на Boston Dynamics. Не само што го собори светскиот брзински рекорд за роботи со нозе, туку и трча побрзо од Усаин Болт, со максимална брзина од 45.5 километри на час.
Како што кажува и самото име, роботот е инспириран од читата – рбетот на роботот се превиткува и издолжува при секој чекор, давајќи му способност да пречекори поголемо растојание. За среќа, овој ѕвер е зауздан преку каблите кои го снабдуваат со потребната енергија и не може да побегне од неговите креатори. Барем за сега.
WildCat
За разлика од Cheetah, моторот на овој робот работи на гас, па WildCat може слободно да се движи низ просторот. Дополнителната маса го прави далеку побавен, но не и бавен. При спринт, може да достигне максимална брзина од 25.7 километри на час. Инаку е доста бучен, што е единствената предност што вие би ја имале во случај да ве збрка еден д овие роботи.
PETMAN
Тој е претставник на првата генерација на пешачки роботи. Оваа механичка креација може да трча, да скока и да се качува, а движењата се вознемирувачки слични на човечките. Тоа не е случајност, PETMAN е развиен за тестирање на хемиски заштитни костуми кои се користат во хазардни услови.
PETMAN е всушност предок и почетен степен на развиток на Atlas, но додека поновата верзија е посилната страна на семејното стебло, и PETMAN има свои потези кои не се за потценување.
Big Dog
Big Dog е „снагаторот“ во тимот. Оваа механичка мазга е способна да носи товар од 150 килограми. Развиван од 2005-та, овој робот стигна до степен да може да се искачи на нагорнини од 35 степени, да оди на мраз и да го сочува балансот дури и ако се обидете да го бутнете.
Оригинално дизајниран за да ја пренесува опремата на војниците на терени недостапни за стандарните возила, оваа година Big Dog доби и дополнителна вештачка рака. Новата верзија, LS3, може да носи товар од 180 килограми и да пешачи 32 километри.
SandFlea
Изгледа како едноставна количка на далечинско управување, но оваа „играчка“ може да прескокне големи височини со само еден потег. Има вграден стабилизатор и камера, кои му помагаат да го изедначи и балансира телото на роботот додека е во лет. 5-килограми тешкиот SandFlea може да скокне и до 9 метри височина.
Една од намените е да им помогне на војниците да погледнат во внатрешноста на објектите, од безбедна далечина. Големите тркала и малото тело го прават да изгледа пријателски и безопасен, но ако сте непријател, SandFlea ви носи лоши вести.
RHex
Уште еден од високо-мобилните роботи на Boston Dynamics, со таа разлика што наместо тркала, долги нозе или гасеници, RHex се служи со мали нозе специјализирани за ползење. Секоја од 6-те нозе се движи индивидуално, што му дава можност да го одржи правецот на движење без разлика на теренските услови.
Со прикачено трио од камери и светла на предниот дел, овој мал робот личи на пост-апокалиптичен механички инсект што бара нешто за грицкање.
Останува да видиме што ќе произлезе сега кога се соединија мозоците од Google и Boston Dynamics. Самата помисла го тера човек да си купи ракетен ланчер за самоодбрана.