
Зелен рид, сино небо и неколку бели облаци. Ако сте користеле Windows XP, веројатно ја знаете сликата напамет. Фотографот Чарлс О’Рир, пак, го знаел ридот од патот по кој секој петок возел за да ја види својата девојка. Едно попладне во јануари 1996 година решил да застане и да го фотографира.
Ридот се наоѓа во округот Сонома, во Калифорнија, покрај патот 121. О’Рир, кој со години работел за National Geographic, го снимил пејзажот со аналоген фотоапарат. Зелената трева и облаците изгледаат како да се наместени за сликата, но фотографот вели дека токму така изгледал ридот тој ден.
Од патот во Калифорнија до екранот на Windows XP
О’Рир ја понудил фотографијата преку агенција за фотографии. Неколку години подоцна, Microsoft ги откупил правата и ја избрал за стандардна позадина на Windows XP, кој излезе во 2001 година. Фотографијата стана позната под името „Bliss“, а сумата што ја добил О’Рир останала доверлива.
Што има на ридот сега?
На снимките од 2025 година, по падината се гледаат редови винова лоза. Интересно е што таму имало лозје и пред О’Рир да ја направи фотографијата. Лозите биле отстранети поради наезда на филоксера, штетник што ја напаѓа виновата лоза. Во периодот пред повторно да се засади лозјето, тревата ја прекрила падината. Токму таква ја затекнал О’Рир кога застанал покрај патот.
Погледнете го истиот рид во 1996 и 2007 година · Погледнете како изгледал во 2025 година


