Во Франција приведени 511 демонстранти, врз жандарм фрлен молотов коктел

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека биле извршени 40.000 полициски проверки, а еден жандарм бил полесно повреден откако врз него бил фрлен молотов коктел, пренесува парискиот весник Монд.

5
Во Франција приведени 511 демонстранти, врз жандарм фрлен молотов коктел
Фото: МКД.мк

Според Министерството за внатрешни работи, на протестите учествувале 320.000 луѓе, од кои 70.000 во Париз. Синдикатите, пак, тврдат дека низ Франција демонстрирале околу половина милион луѓе, од кои приближно 200.000 во главниот град.

Како што пренесува Ројтерс, специјалните полициски единици интервенирале на крајот од протестниот марш во Париз за да растераат помали групи демонстранти. Во Лион и Тулуз полицијата употребила солзавец, додека тензии избувнале и во Марсеј.

Реклама

Министерството за внатрешни работи соопшти дека радикални групи се обиделе да се одвојат од протестните поворки во повеќе градови за да предизвикаат нереди и грабежи, но биле спречени од безбедносните сили.

За обезбедување на протестите биле распоредени 70.000 полицајци и жандарми. Властите претходно предупредија дека маските за Ноќта на вештерките би можеле да се користат за прикривање на идентитетот на учесниците во насилствата.

Протестите беа помалку масовни отколку во претходните две саботи. Според официјалните податоци, на 24 октомври демонстрирале 410.000 луѓе, а на 17 октомври околу 550.000, кога избувнаа големи немири и беа оштетени продавници и јавни објекти.

Протестното движење започна кон крајот на септември со незадоволството на учениците и студентите од состојбата во образованието. Подоцна им се приклучија синдикатите и припадници на движењето Жолти елеци, со барања за намалување на трошоците за живот и цените на горивата.

Реклама

„Француската економија е во лоша состојба затоа што со нас управува група неспособни луѓе што располагаат со милијарди, додека семејствата се борат за секој цент“, изјави демонстрантот Жером Родригез за Ројтерс.

На протестниот марш во Париз учествуваше и лидерот на радикалната левица Жан-Лик Меланшон.

Властите забранија протестна поворка меѓу париските плоштади Насион и Бастилја, а наместо тоа одобрија марш по булеварите во источниот дел на Париз, подалеку од главните трговски улици.

Протестите се одржуваат во време на сериозни економски проблеми во Франција. Јавниот долг се приближува до 120 проценти од бруто-домашниот производ, а агенцијата Фич ја промени перспективата за францускиот долг во негативна.

Според проценките на Стопанската комора, загубите на трговците од немирите надминуваат една милијарда евра, додека други проценки укажуваат дека вкупната штета би можела да биде двојно поголема.