Заштитете ги своите финансии кога патувате

Во дигиталната ера во којашто живееме, кражбите веќе одамна станаа софистицирани. На кратците им се потребни само неколку информации од вашите картички, за да може да ви ја испразнат сметката во банка. Прочитајте што треба да направите за да се заштитите.

Внимавајте на поштата

Додека сте на одмор, поштата започнува да се натрупува во вашето сандаче и дел од ковертите излегуваат низ отворот. Доколку некој украде пратка со чувствителни информации (како извештај од банка) може да ги искористи за да ви повлече пари од сметката. Затоа, секогаш оставајте некој што ќе ви ја собира поштата.

Внимавајте на паричникот

Во паричникот носите картички на кои ги има сите потребни информации за да се направи нарачка преку интернет. Никогаш не го оставајте во хотелска соба, на необезбедено место, бидејќи некој може да ја искористи вашата невнимателност.

Обезбедете ги електронските уреди

Исто како што внимавате на паричникот, треба да внимавате и на електронските уреди што ги носите со себе (телефон, лаптоп, таблет-компјутер), на коишто веројатно имате многу информации кои би можеле да бидат искористени за електронска кражба. Ако не можете да ги оставите на безбедно место, барем заштитете ги со лозинки.

Не се логирајте од јавни компјутери

Сте одлучиле да не носите лаптоп со себе, но итно ви е потребно да се логирате на вашата електронска пошта. Ова воопшто не е препорачливо. Компјутерите во интернет кафеата и бизнис-центрите во хотелите се полни со спајвер програми кои ги снимаат сите удари на тастатурата, како и вашите лозинки. Со тоа, лесно може да се случи да ви бидат украдени многу чувствителни финансиски информации.

Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk

- Реклама -