Продолжува да расте бројот на пациенти кои се позитивни или се сомнителни на Ковид-19 во болниците низ земјава. Утрово, според Министерството за здравство, вкупниот број на хоспитализирани изнесувал 895.
Во последните 24 часа, на Инфективната клиника примени се 12 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 150, од кои на кислородна поддршка се 130. Нема пациенти на респиратор.
Во болницата во Козле хоспитализирани се 9 позитивни и 1 дете суспектно на Ковид-19 и 22 возрасни пациенти, позитивни и суспектни на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ има 9 приеми, а вкупно хоспитализирани се 79 пациенти. На респиратор се 3 пациенти.
Во Институтот за ТБЦ се хоспитализирани 48 пациенти, позитивни и суспектни на ковид-19.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 70, а во болницата во Штип се 58 пациенти.
На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Кичево, Кавадарци се хоспитализирани 458 позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Денеска министерот за здравство Венко Филипче одржа прес-конференција и најави дека од утре на Интерните клиники достапни ќе бидат уште 150 болнички капацитети за третман на пациенти од коронавирусот. Филипче истакна и дека веќе е направена координација со службите за Итна помош за сместување на пациентите согласно местата кои што ќе бидат на располагање веќе од утре.
Покрај ова, министерот најави и повеќе тестирања, односно истакна дека МЗ ги зголемило капацитетите на пунктовите за тестирање во ИЈЗ, ЦЈЗ Скопје и лабораторијата во болницата во Козле – за 400 до 500 тестови на ден.
Филипче истакна дека ги вклучуваат и брзите тестови. Дополнителни 6 пункта ќе работат од понеделник во Скопје, согласно распоредот за тоа колку време е потребно да се земе брис и да се направи брз тест, рече тој. Дополнителни 500 термини во денот, најави, ќе бидат на располагање на сите граѓани и пациенти почнувајќи од понеделник.
Министерот информираше и дека пристигнати се сите вакцини за грип, а викендов ќе се направи нивна дистрибуција. Подготвени се пунктовите во Здравствениот дом и во Центрите за јавно здравје, а вакцинацијата ќе започне од вторник.
На прес-конференцијата, Филипче уште еднаш истакна дека ситуацијата е многу сериозна и апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките, бидејќи актуелниот сет мерки е доволен да се надмине овој сериозен бран – доколку се почитуваат.